Достапни линкови

Намалениот цензус производ на слабиот одзив од претседателските избори


Во развиените демократски земји вообичаено е носителите на власта да се избираат според правила што предвидуваат низок степен на излезност на граѓаните, велат експертите од областа на локалната самоуправа. Тие додаваат дека кај нас новото решение за избор на градоначалници според кое тие се избираат во случај кога ќе излезе една третина од гласачите, е производ на малиот одзив на граѓаните на последните претседателски избори. Значи проблем е начинот или процедурата со која што се избираат градоначалниците:

„Процедурата на менување наведува на следново, очигледно, власта се исплаши од апстиненцијата на претседателските избори. Кога падот беше очигледен. Наместо, да се замисли зошто доаѓа до апстиненција, веднаш власта посегна по најлесниот начин, го редуцира потребниот процент на излезени за локалните избори. Имено, наместо една поливина, сега се бара да биде една третина.“

изјави професор Гордана Силјановска од Правниот факултет во Скопје.

Според неа власта, како и опозициските партии треба да мислат во насока на изнаоѓање на начин за привлекување на граѓаните да излезат на гласање. Силјановска вели дека тоа мора да се стори на тој начин што во пракса избраните лица ќе почнат да покажуваат дека им служат на граѓаните.

За разлика од градоначалниците кои се избираат според мнозинскиот систем, советниците во општинските совети се избираат според пропорционалниот модел или граѓаните ке се определуваат за листи на политичките партии. Со измените во Законот за локални избори намален е процентот на излезени граѓани потребен за успешност на изборите. Во првиот изборен круг за градоначалник ќе биде избран кандидатот кој добил мнозинство гласови, доколку на изборите излегле една третина од вкупниот број избирачи во општината.Во случај ниеден од кандидатите да не го добие потребното мнозинство во првиот круг, во вториот ќе се избира меѓу двајцата кандидати што добиле најмногу гласови, а победник ќе биде оној кој ќе освои повеќе гласови. Советниците ќе се избираат во еден круг според пропорционалниот модел.
XS
SM
MD
LG