Достапни линкови

Истражители од Хашкиот трибунал во Скопје


Во наредните четири дена истражителите на Хашкиот трибунал ќе испрашуваат четворица сведоци во врска со истрагата за случајот Љуботен. Станува збор за Златко Кецковски, поранешен шеф на обезбедувањето на починатиот претседател Борис Трајковски, претходниот републички јавен обвинител Ставре Џиков, како и судиите од Основните судови Скопје 1 и 2, Јованка Никодиновска и Бојан Ефтимов. Од повиканите, до сега, само Џиков се сретнал со истражителите на Трибуналот, во својство на јавен обвинител кој ги предаде петте случаи на Карла дел Понте. Во истрагата за тоа што се случило во врска со Љуботен се испрашани над стотина поранешни функционери и припадници на полициските и воени единици, жители од селото и слично. Минатиот месец, Хаг побара дополнителна истрага за случајот Љуботен, со цел да може да се донесе одлука, дали да се покрене обвинение против поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски:

„Јас сеуште немам официјално добиено обвинение против Љубе Бошковски. Доаѓањето на истражителите од Хаг, можеби е за дополнување на истражната постапка и во моментов не можам да кажам колку тоа ќе придонесе за потврдување или непотврдување на основаното сомнение дека против господинот Љубе Бошковски може да се подигне било какво обвинение. Убеден сум во невиноста на господинот Љубе Бошковски, што сметам дека во исказите на сведоците ќе се потврди,“

изјави Ненад Јаничевиќ, адвокат на Бошковски.

Освен случајот Љуботен, Хашкиот трибунал презема уште четири случаи за кои постои сомневање дека се сторени злосторства против човештвото. Тоа се случаите, со браната Липково, со ГП Маврово, 12-те киднапирани Македонци и раководството на ОНА. Експертите по казнено право посочуваат дека во случај Хаг во било која фаза да одлучи да ја прекине постапката, националните органи во Македонија може да покренат обвинение и да се води постапка пред домашните надлежни институции. Македонските државни институции не смеат да го сторат тоа во случај да биде донесена пресуда од трибуналот.
XS
SM
MD
LG