Достапни линкови

Средба на Кондолиза Рајс со палестинскиот лидер Махмуд Абас


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс денеска на Западниот Брег се сретна со палестинскиот лидер Махмуд Абас.

До денешната средба на Западниот Брег дојде само еден ден пред утрешниот самит во Египет на кој израелскиот премиер Ариел Шарон и палестинскиот лидер Махмуд Абас ќе разговараат за блискоитсочниот мировен процес. Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс вчера во Ерусалим разговараше со Ариел Шарон по што побара од сите страни да го запрат, како што рече, подбуцнувањето и да им дозволат на израелските и палестинските лидери да се обидат да го заживеат мировниот план кој е поддржан од меѓународната заедница. Станува збор за таканаречениот пат на мапата со кој се предвидува формирање Палестинска држава. За тоа пак, според Рајс, на палестинците ќе им биде потребна помош,

„Неопходно е да им се помогне на Палестинците во развивањето на демократските институции. Со тоа ќе се постави основата за државност и за мир во регионот.“

Според Рајс, Вашингтон е подготвен да помогне во блискоисточниот мировен процес, но најдобро е ако за тоа се договорат самите израелици и палестинци.

„Невозможно е да велиш дека си за траен мир меѓу Израелците и Палестинците, а во исто време да ги игнорираш или да ги одобруваш најстрашните карикатури на израелците или на антисемитизмот во секоја форма.“

Рече Рајс. Движењето Фатах на Махмуд Абас вчера, соопштувајќи дека неговите припадници ќе се воздржат од нападите врз цивили во Израел, ги повика израелските власти да се придружуат кон ова примирје. За разлика од Фатах, другите две милитантни групи Хамас и Исламски Џихад одбиваат да се воздржат од нападите, но наведуваат дека би можело да го сторат тоа само доколку Израел е подготвен на примирје. Според очекувањата на аналитичарите, тоа може да се случи за време на утрешниот израелско палестински самит во Шарм ел Шеик во Египет. Со таква надеж е и еврокомесарката за надворешни работи Бенита Фереро Валднер која исто така денеска е на разговори со Ариел Шарон и Махмуд Абас. Европската Унија, како што изјави таа, била подготвена да ја зголеми финансиската и другата помош за палестинците како што Израел ќе го спроведува планираното повлекување од Појасот Газа.
XS
SM
MD
LG