Достапни линкови

Треба да постои спротиставување на третманот на Иран на своите граѓани


Американскиот државен секретар Кондолиза Рајс изјави дека нешто за кое треба да постои спротивставување тогаш е третманот на иранската влада спрема нејзините граѓани. Се сомневам оти некој би можело да верува дека неизбраните свештеници кои раководат со режимот во Иран се добри за иранскиот народ или за регионот. Ова таа го изјави на патот за Лондон каде што денеска ја почна еднонеделната турнеја по Европа и Блискиот Исток.

Ваквата изјава и тоа на стартот на нејзината турнеја по Европа, според аналитичарите, ќе ја зголеми загриженоста на европските партнери во врска со американските намери спрема Иран. Во обраќањето пред Конгресот, претседателот Џорџ Буш го обвини Иран за земја која го поддржува тероризмот. Буш неколку пати претходно изјави дека не ја исклучува можноста од воена акција врз таа земја. Иран е само едно од глобалните прашања за кои Европа и Америка остануваат поделени. Тука уште се: Ирак, климатските промени, војната против тероризмот. Сегашната европска турнеја на новиот американски државен секретар Кондолиза Рајс и престојната посета на Џорџ Буш кон крајот на месецов, според некои експерти, покажуваат дека февруари би требало да претставува време на симболично помирување во трансатлантските односи. Но, колку е тоа можно? Европејците во Кондолиза Рајс гледаат олицетворение на сето она што тие не го сакаат во американската надворешна политика раководена од претседателот Џорџ Буш. Попрецизно за неа постои мислење дека е главниот архитект на контроверзната доктрина на предупредувачка војна што беше искористена за да се оправда интервенцијата во Ирак. Андре Фонтејн поранешен уредник на парискиот Ле Монд и со вакво мислење за Рајс:

„Таа се чинеше посебно непријателски расположена спрема француската позиција. Во приватните разговори со француските дипломати таа беше дури и многу агресивна.“

Но, откако стана американски државен секретар, Рајс вели дека е време за дипломатија. Тоа, според Фонтејн, е важно:

„Мислам дека двете страни се обидуваат да ги подобрат односите кои целосно се блокирани. Фактот што Рајс доаѓа во Париз е значајна работа.“

И Штефан Сабо од Универзитетскиот центар во Болоња смета дека двете страни се подготвени на промени.

„Мислам дека бушовата администрација е ограничена во она што може да го прави сега, не само со Ирак, туку и со домашните проблеми, како што е трговскиот дефицит. Мислам дека администрацијата бара сојузници. Слично е и со европјеците.“

Инаку, во турнејата на Кондолиза Рајс, освен Британија, Германија и Франција, се вклучени уште Полска и Италија, двете главни американски сујзнички во Ирак. Рајс ќе ги посети и Турција, Израел и Западниот Брег.
XS
SM
MD
LG