Достапни линкови

Денеска пребројување на гласовите


Во Ирак денеска се пребројуваат гласовите од вчерашните историски избори за новиот национален парламент и за собранијата во осумнаесет провинции. Засега нема официјални бројки, но, според претпоставките на Изборната комисија, гласале околу осум милиони луѓе, што е шеесет насто од регистрираните избирачи.

Во Изборната Комисија немаат потадоци и за тоа колкав бил одѕивот меѓу шиитите и сунитите, како и меѓу курдската заедница. Прелиминираните резултати се очакуваат во претстојните денови, но според официјални претставници за финалните ќе требало најмалку десет дена. Терористите вчера беа победени. Тие знаат дека не можат да победат, рече на денешната прес конференција во Багдад привремениот премиер Ајад Алави. Министерот за внатрешни работи Фалах ал Нагиб пак вчера во интервјуто за Радио Слободен Ирак изјави:

,,Многу сум горд на нашиот народ. Имам целосна доверба во нашите синови, во нашата полиција и во членовите на нашите оружани сили дека ќе бидат способни да го победат тероризмот. Тоа денеска и го докажаа.”

За учеството на изборите и покрај тоа што за време на нивното одржување имаше многу самоубиствени напад, особено во Багдад, во кои загинаа над четириесет луѓе, меѓу нив и девет напаѓачи ирачаните беа пофалени од меѓународната заедница. Американскиот претседател Џорџ Буш, оценувајќи дека изборите претствуваат голем успех сепак додаде дека треба уште многу да се стори на ирачкиот пат кон демократијата.

,,Учествувајќи на слободни избори, ирачкиот народ цврсто ја отфрли антидемократската идеологија на терористите. Народот го отфрли застрашувањето на силеџиите и убијците. Ирачаните демонстрираа храброст која е основа за самоуправување.”

Изјави Џорџ Буш. Државниот секретар Кондолиза Рајс пак оцени дека ирачаните покажале оти демократијата веќе нема граници.

,,Тоа не се западни вредности. Тоа не се вредности што се наметнуваат однадвор. Очигледно, тука гледаме, како што пред тоа видовме во Авганистан и на Палестинските територии, во Украина, желба на народот да ја детерминира сопствената иднина.”

рече Рајс. Генералниот секретар на Обединетите Нации Кофи Анан, исто така ја поздрави храброста на ирачаните, додавајќи дека Ирак мора да биде поддржан од меѓународната заедница.

,,Изборите не се крај на процесот. Тие се почеток на транзицијата, на политичката транзиција која ќе доведе до тоа ирачаните сами да управуваат со својата судбина. Затоа е важно тие да учествуваат во тој процес.”

Наведе Кофи Анан на прес конференцијата во Абуџа, Нигерија. За британскиот премиер Тони Блер вчерашните ирачки избори претставувале удар во срцето на светскиот тероризам кој, како што рече, се заканува да предизвика уништување не само на Ирак, туку и во Велика Британија и во другите земји во светот. Со реакции се јавија и другите светски метрополи кои оценуваат дека вчерашните ирачки избори се голем чекор кон обновата на Ирак.
XS
SM
MD
LG