Достапни линкови

Таксистите и пазарџиите и натаму одбиваат да постават фискални каси


Неколку месеци по најавата за фискализација на такси превозниците, таксистите сеуште немаат фискални апарати. И покрај преговорите со Управата за јавни приходи, здужението на таксисти, не отстапува од својата одлука за неприфаќање на фискалните каси:

„Фискализација не прифаќаме, затоа што, како прво сме паушалци. Второ, нашите таксиметри што ги имаме сега се како фискален таксиметар, тој регистрира исто, и километри, слободни километри, наплатени километри,“

изјави Миле Симоновски, претседател на групацијата на такси превозници.

Во согласност со законот за готовинско работење, таксистите се должни да постават фискален апарат во своите возила, велат од УЈП:

„Со фискалниот такси метар, освен прометот, со надворешната сигнализација ќе биде видливо во кој статус се наоѓа возилото, значи, дали е во мирување, дали таксистот во моментот превезува патници или пак вози без патник,“

изјави Магдалена Чижмановска од УЈП.

Таа додава дека фискалниот апарат ќе биде од домашно производство и на секој даночен обврзник што ќе набави фискален апарат, средствата ќе му бидат вратени:

„Тоа значи дека секој таксисти ќе ги поврати парите, до крајот на годината или во месецот кога го набавил апаратор, по подготвувањето на месечниот, односно годишниот извештај.“

Покрај рестораните и продавниците, фискални каси треба да поседуваат и продавачите на пазар, информираат од управата. Револтирана од ваквата одлука, пазарџиите велат дека поставувањето на фискални каси на тезгите е апсурдно:

„Не може на секој артикал да се дава фискална сметка. Колку ситни артикли има тука. А, и пазарот пропаѓа, нема муштерии. Фискални каси треба да бидат само за големи продавници, инаку за тезга, што, 7,000 плаќаме тезга, ако купиме и тоа, за нас што ќе остане?“

„Моментално нема инспекција, затоа не ставаме.“

„Нема услови на пазар да се даваат фискални.“

„Тоа треба само внатре во дуќаните, ние сме надвор, смрзнуваме тука.“


Од УЈП велат дека стриктни рокови за поставување фискални каси не се поставени, но потенцираат дека тоа мора да се направи што поскоро, зошто во спротивно ќе се преземаат казнени мерки во координација со другите државни органи.
XS
SM
MD
LG