Достапни линкови

Геноцид – до кога?


Некогашниот британски премиер Винстон Черчил за нацистичката систематска егзекуција на околу 6 милиони евреи за време на Втората Светска Војна, оцени дека е криминал кој нема име. Подоцна тоа беше наречено Геноцид, што значи убиства на големи групи луѓе или народи, а во 1948 година Обединетите Нации усвоија конвенција за тоа никогаш повеќе да не се повтори. Но, оттогаш нови случаи на геноцид имаше во Камбоџа, Руанда, Босна, Северен Ирак, а меѓународната заедница не може да го одржи ветувањето, да не се повтори.

Поимот геноцид за прв пат беше употребен за време на Нирнбергшкиот процес на нацистичките злосторници во 1945-та година. 15 години подоцна, на судењето на Адолф Ејхман, одговорен за нацистичкиот план за елиминација на евреите, беше докажано дека тој бил учесник во спроведувањето на геноцидот. Конвенцијата што ја усвоија Обединетите Нации пртив геноцидот беше уште еден показател за решеноста на меѓународната заедница да не дозволи повторување на таквите убиства. Но, масовните екзекуции и натаму се случуваат во светот. Бернард Хамилтон, експерт за ова прашање, оценува дека меѓународната заедница е бавна во реакцијата на случите на геноцид.

„Меѓународната заедница понекогаш е внимателна во имплементацијата на инструментите предвидени со Конвенцијата за геноцид. Реагира релативно рано, но е претпазлива во заземањето став дали станува збор за геноцид. Проблем е и тоа што Обединетите нации немаат мониторинг механизам за ова прашање.”

Рене Ламарханд, експерт за компаративен геноцид, вели дека постојан дел од проблемот е што Западот, многу често, за поновите случаи на масовни егзекуции гледа како на далечни од нив и врз луѓе за кои речиси и не знае ништо.

„Само погледнете некои од земјите каде што се случи геноцид по Холокаустот, - Босна, Камбоџа, Руанда, Бурунди. Мислам дека еден од илјада американци знаеше каде се тие земји во светот, пред масовните убиства”.

Но, доколку јавноста и навистина дознаваше за таквите трагедии откако ќе се случеа, политичарите често можат да ги предвидат таквите катастрофи. Западните дипломати, на пример, предупредуваа што може да се случи во Босна и во Руанда, но немаше превентивни мерки за убиството на 7 илјади луѓе во Сребреница и 750 илјади во Руанда. Лемарханд смета дека западните држави не реагираат се додека не се загрозени нивните национални интереси. Според него, друг проблем е и самиот термин геноцид, кој различно се интерпретира.

„Се поставува прашањето, колку луѓе треба да бидат убиени за да се нарече геноцид, - 20, 200 или 2 илјади. Многу време се губи додека да биде постигната согласност дека навистина се случува геноцид”.

Одбележувањето на 60 годишнината од ослободувањето на нацистичкиот концентрационен логор Аушвиц, е уште една прилика за свртување на светското внимание кон потребата од поенергични мерки и превентивно дејствување против масовните егзекуции.
XS
SM
MD
LG