Достапни линкови

Синдикатот и работодавачите на различни страни


Во Македонија правата на вистинските работници се загрозени. Тоа се должи на актуелниот закон за работни односи, што ги штити единствено неработниците, тврди Саво Станковиќ, сопственик на хајт – тек корпорација:

„Во фирмата да ти се убутаат, два – тројца што ти се лоши, кој би плаќа нив? Овие добрите. Работодавачот не печати пари. Работниците самите ги плаќаат неработниците, и тоа беше уште во социјализмот.“

Од синдикатот одговораат, македонските газди се обидуваат да заработат на грбот на работникот, нема никаков луксуз, да бараш да ти биде исплатена месечната заработувачка и придонесите за пензиско осигурување:

„Пристапот на работодавачите, наместо да биде мотивирачки, тој да биде мотивиран да работи, за повисока плата, помаксимално да се анжариа, за да оствари и поголем профит, овде работодавачите профит сакаат да остваруваат благодарение на укинување на се она што се вика давачка за работниците, вклучувајќи ја и платата. Значи, да може да не им даваат плата, за да им остане поголема добивка,“

вели Пеце Ристевски, претседател на гранковиот синдикат на металурзите, енергитичарите и рударите.

Најлошото е што во моментов, газдите не може да ги избркаат работниците од своите компании:

„Тој не работи, ти што треба да направиш? Имаш земено работа, ти не можеш да го отпуштиш.“

Фактите велат, македонските работници со постојниот закон за работни односи имаат најмали права во однос на своите колеги од соседните земји, тврди синдикатот:

„Словенија, како земја која произлезе од Југославија, работното законодавство е за неколку класи подобро. Што значи, работниците кај нас немаат поголеми права, како што некој мафта, во континуитет 14 години правата на работниците се намалуваат.“

Не е возможно во Македонија да се имплементира закон за работни односи идентичен на оној од развиените земји, тврдат работодавачите. Таму се непознати случаите да се земе боледување, и потоа на црно да се работи кај друг газда:

„На запад, честа е многу важна работа, ако честа е изгубена, не функционираш во нивното друштво, како да не постоиш. А, кај нас, што е тоа? Кај нас нема чест.“
XS
SM
MD
LG