Достапни линкови

Партиите ги следат резултатите, но не се подготвени за соочување со нив


Со цел да им се помогне на политичките партии, домашните и меѓународните институции, спроведуваат анкети на јавното мислење, со што им се посочува на партиите кои се точните прашања на кои треба да се стави акцент. Идејата, е велат од овие институции, да им се помогне на партиите во изготвување на пораки до гласачите, како и подобрување на комуникацијата со граѓаните и решавање на нивните проблеми. Но, оттаму сметаат дека во Македонија нема поволна клима. Партиите најчесто ги земаат предвид резултатите од истражувањата, но поради тоа што преовладува незадоволство, тие не се подготвени да се соочат во јавноста:

„Генерално сметаме дека политичките партии ги прифаќаат информациите што им ги даваме и сметаме дека тоа им е од полза. Бидејќи, тоа што треба да се постигне е партиите, владата, министерствата да сфатат дека треба се повеќе да одговараат на потребите на граѓаните. Тие мора да разберат што граѓаните сакаат и потоа да почнат да работат на програми за да се надминат проблемите, треба уште многу да се направи во оваа насока. Но, сепак политичките структури во земјава почнуваат да се справуваат со проблемите, како и да комуницираат со електоратот,“

вели Дејвид Вилијамс, независен консултант, при Меѓународниот републикански институт. Така, посочува тој, последното истражуавње на Институтот, а финансирано од американската агенција за меѓународен развој, покажува дека граѓаните се најмногу задолжени за економските проблеми. Тоа значи дека политичарите мора да се соочат со тоа и да работат на решавање на проблемот. Во Брима Галуп се категорични дека политичките партии сериозно ги земаат резултатите од анкетите на јавното мислење. Но, според нив проблемот е во тоа што тие не сакаат да се соочат со нив во јавноста:

„Додека ваква состојба, каде што незадоволството е доминантно, нема да се користат на транспарентен начин резултатите, и тоа се компензира со создавање клима на меѓусебно обвинување, што е доста карактеристично за нашата ситуација, со цел да се подобри рејтингот. Значи, се напаѓа противникот, наместо отворено да се излезе пред јавноста и да се соочат со она што граѓаните мислат за некоја политичка партија,“

изјави Ѓорѓи Кимов, извршен директор на Брима Галуп.
XS
SM
MD
LG