Достапни линкови

Како ветеното да стигне до оние што им е најпотребно?


Како помош за жртвите на најстрашната катастрофа на нашево време е ветена најголемата сума пари. Ова се наведува во коментарот на Њујорк Тајмс во врска со досегашниот меѓународен одговор на цунами трагедијата што погоди дванаесет земји во Јужна Азија. Сепак, според весникот, главното прашање е како светот ќе успее ветеното да им го даде на оние на кои им е најпотребно.

Претседателот Џорџ Буш кој ги зачуди американците со неговата првична понуда од петнаесет милиони долари, сега најави дека американската помош за настраданите од цунамито ќе изнесува триста и пеесет милиони долари. Веднаш потоа Јапонија својата помош, од почетните триесет милиони ја зголеми на петстотини милиони долари. Норвешка најави сто и осумдесет милиони долари.

„Владата на Соединетите Држави е во тесен контакт со владите на погодените земји и Америка ја игра водечката улога во напорите за помош и обнова на регионот. Работиме со Обединетите Нации и со светските влади со цел да го координираме меѓународниот одговор.’

изјави Буш кој најави дека со добротворната акција ќе раководат двајцата поранешни претседатели, неговиот татко Џорџ Буш и неговиот претходник Бил Клинтон.

„Во наредниве денови претседателите Клинтон и Буш ќе побараат од американците да донираат директно во веќе вклучените хуманитарни организации кои овозможуваат помош на жртвите од цунамито. Многу од организациите имаат испратено експерти во погодените области.“

Во мисија на запознавање со состојбата од прва рака таму веќе допатуваа американскиот државен секретар Колин Пауел и братот на Џорџ Буш, гувернерот на Флорида Џеб Буш. По пристигнувањето во Бангкок Пауел изјави дека најголем проблем не се парите, туку како тие да бидат дистрибуирани. Таа работа, според аналитичарите, треба да ја преземат Обединетите Нации кои на таков начин ќе можат и да се извлечат од скандалот со програмата нафта за храна за Ирак. Имено, мора да се обезбеди средствата кои, како што изјави координаторот на Обединетите Нации Јан Егеланд, надминаа над две милијарди долари, да не се најдат во рацете на корумпираните владини претставници или пак да се употребат како политичко оружје против бунтовниците во Индонезија. Оваа земја беше најмногу погодена од страшната катастрофа во која загинаа над сто и пеесет илјади луѓе, додека над пет милиони останаа без храна и домови.
XS
SM
MD
LG