Достапни линкови

За сега, без обвиненија за случаи од Македонија


На крајот од декември годинава завршува мандатот на Хашкиот трибунал во делот на покренување обвиненија на сторителите на воени злосторства на просторот на поранешна Југославија. А, до крајот на 2010 треба да финишираат сите предмети. Ова го предвидуваат меѓународните норми врз основа на кои е основан овој суд. Според ова, доколку до крајот на годинава не се покрене обвинение за некои од споменатите случаи за сторени воени злосторства против човештвото за време на конфликтот во Македонија во 2001 година ниту еден случај од земјава нема да биде предмет пред Трибуналот во Хаг:

„Логично е, ако немате веќе јавно обвинителство, немате веќе нови обвиненија,“

вели професорот Ѓорѓе Марјановиќ.

Во контекст на прашањето кога генерално престануваат ингеренциите на Трибуналот професорот Никола Тупанчевски вели:

„Според прописите, ингеренциите на Трибуналот завршуваат кога гасне и тој самиот. Така што, потоа Хашкиот трибунал не смее да биде надлежен за таа работа, доколку не се донесе одлука за продолжување на нивниот мандат.“

Инаку, во меѓувреме македонските медиуми објавија дека Трибуналот покренал или до крајот на годинава ќе покрене обвинение против поранешниот министер за внатрешни работи Љубе Бошковски за случајот Љуботен, но тоа го демантираат неговите адвокати:

„Нема ништо, нема обвинение, сеуште е истражна постапка. Немам информација дека Бошковски има примено обвинение од Хаг,“

изјави адвокатот Симеон Филиповски.
XS
SM
MD
LG