Достапни линкови

Бројот на поднесените жалби против Македонија до Европскиот суд се зголемува


Бројот на поднесени жалби против Македонија од граѓаните до Европскиот суд за човекови права постојано се зголемува, информира Радица Лазаревска Геровска, владин агент на земјава во стразбуршкиот суд која објаснува дека од големиот број на жалби во постапка се околу триесеттина:

„Првите тужби против државата почнаа да пристигнуваат кон крајот на 1999 година, а оттогаш заклучно со 1 декември, владиниот агент беше известен по однос на 31 апликација. Бројката на поднесените жалби постојано се зголемува. Ваква диспропорција на поднесените жалби со оние коишто се комуницирани со владиниот агент, затоа што европскиот суд самиот врши селекција на апликациите што се основани, а голем број од нив веднаш ги отфрла,“

изјави Геровска. Граѓаните имаат право да се жалат до Судот во Стразбур откако во земјава ќе ги искористат сите можности за жалби во судовите во земјава. Во Европскиот суд тие најчесто се жалат на повреда на правото на фер судење.

„Бројот е најголем во граѓанската сфера. А, од скоро време се зголемува бројот на предмети коишто се однесуваат на извршувањето на судските одлуки. Значи, правото на фер судење, не го покрива само парничењето пред судот, туку и извршувањето на судските одлуки. Тука имаме сериозен проблем.“

Владиниот агент посочува дека граѓаните многу помалку се жалат на повреда на останатите права, како правото на сопстевеност, на живот, слобода на уверување и религија, слобода на изразување и други. Од 31 предмет во постапка, завршница имаат само пет, а во ниту еден Стразбуршкиот суд не констатирал повреда на правата и слободите загарантирани со Европската конвенција. Тоа значи дека досега Македонија не исплатила надомест за повреда на некое право, што пак е обврска на државата доколку Европскиот суд пресуди дека има повреда на правата.
XS
SM
MD
LG