Достапни линкови

Советот за безбедност на ОН одлучи ЕУ да раководи со стабилизацијата на Босна


Советот за безбедност на Обединетите Нации ја одобри резолуцијата со која напорите за стабилизирање на ситуацијата во Босна им ги предаде на Европската Унија. Во исто време, министрите за одбрана на Унијата се согласија да формираат тринаесет борбени групи со вкупно илјада и петстотини војници кои ќе бидат подготвени брзо да реагираат на евентуалните кризи во светот. Заедно овие два чекора, всушност го илустрираат напредокот на Европската Унија во развивањето на своите воени способности.

По неколку години конфузија околу тоа како да ја развие својата воена улога, Европската Унија презеде клучни чекори на патот кон покохерентна воена сила. Холандскиот аналитичар Дик Леурдик вели дека Унијата се повеќе станува независен играч на меѓународната безбедносна сцена.

„Европската Унија апсолутно е на средина на процесот да се претстави како целосен меѓународен актер на безбедносно поле.“

Како потврда на ова е едногласната одлука во Советот за безбедност на Обединетите Нации Европската Унија да го преземе раководењето со стабилизирачките напори во Босна. Станува збор за седум илјади војници кои под името ЕУФОР ги сменија НАТО силите. Навистина во минатата година Европската Унија презеде две мировни мисии, едната во Македонија, а другата во Конго. Но, додека онаа во Македонија е многу мала, а онаа во Конго и не е баш на Унијата туку на Фрнација, сегашната во Босна е сосема различна и го покажуваа вистинскиот старт на Европската Унија како воен фактор.

„Сосема ми е јасно дека ние ќе гледаме се повеќе вакви одлуки на Европската Унија во наредните години.“

Вели Леурдик кој оценува дека камен темеленикот за тоа беше поставен со согласноста на членките на Унијата за формирање тринаесет воени групи за брза реакција.

Ова е, така да кажам, пресвртница во можностите на Европската Унија. Со тоа, Унијата сега не само што ја развива својата безбедносна стратегија, туку и го почнува нејзиното спроведување.“

Холандскиот министер за одбрана Хенк Кемп прецизира дека овие трупи, кои нема да бидат под командната структура на НАТО, туку на Унијата, ќе можат за пет до десет дена да бидат распоредни во некое кризно подрачје во светот. Токму ваквата независност на овие трупи предизвика несогласување кај официјален Вашингтон кој во НАТО гледа единствен безбедносен систем за Европа.

„Ние исто така се согласивме дека членките на Унијата ќе го поздрават и вклучувањето во овие борбени трупи на земјите кои не се членки во НАТО и кои се кандидати за зачленување.“

Вели холандскиот министер за одбрана Кемп. Сепак, постојат и мислења дека улогата на Европската Унија како воен фактор во светот е лимитирана од нејзиниот недостиг на заедничка надворешна и безбедносна политика. Имено, како што се додава, сегашниот систем на донесување одлуки од страна на министерскиот совет или пак на периодичните евросамити не бил доволно ефикасен, што претставува пречка за развојот на заедничката европска политика. Новиот европски Устав кој се очекува членките да го ратификуваат во наредните две години треба да го надмине овој проблем, бидејќи предвидува формирање помоќни нови функции како што е например шеф на европската дипломатија. Но, се уште не е ни јасно дали и Уставот ќе помине.
XS
SM
MD
LG