Достапни линкови

Повторување на играта со Холандија и рeхабилитација по поразот со Андора


Да се повтори играта од дуелот со Холандија пред еден месец што ќе значи рехабилитација по поразот од аутсајдерот во групата Андора се посакувањата на македонската фудбалска репрезентација пред денешната средба со Чешка во рамките на квалификациите за Светското првенство во Германија, што се игра на Градскиот стадион во Скопје со почеток во 17:30 часот. Противникот е за респект, петта рангирана селекција на ранг листата на УЕФА, но Македонија традиционално „вади“ добри партии токму со фаворитите. Селекторот на македонската репрезентација Драган Канатларовски со пофални зборови за противникот:

„На сите добро ни е познато дека Чешка е светска велесила, репрезентација која во своите редови има плејада фудбалери што играат во европски клубови.“

И предводникот на македонската одбрана Игор Митревски со пофални зборови за противникот, но и оптимизам пред вечерашната средба:

„Наше е да заборавиме што се случуваше во Андора, да дадеме максимум, да гледаме напред и мислам дека со борбеност да ги корегираме сиет гершки и мислам дека ќе имаме сили да извлечеме поволен резултат.“

Чесите во Скопје доаѓаат во најсилен состав по три бода, многу значајни за нив во борбата за првото место во групата. Еден од најдобрите играчи на Чешка, Карел Поборски, кој два пати настапувал на стадионот во Скопје, очекува „пеколна атмосфера“:

„Двете средби што сум ги играл во Скопје се играа во многу бучна атмосфера. Очекувам тоа да се повтори и знам дека нема да имаме лесна задача. Македонците знаат на една средба да победат, но знаат и да „изгорат“. Небезбедни се пред се на домашен терен.“

Влезниците за средбата што почнува во 17:30 часот се продаваат по петстотини, 300 и 100 денари за јужната, северната и трибините зад головите. Скопските кладилници и даваат повеќе шанси на гостинската екипа, а за победа на Македонија се добиваат шестотини, на вложени сто денари.
XS
SM
MD
LG