Достапни линкови

Потврда за силната решеност за евро атлантските интеграции


Порака што го надминува референдумот. Вака, меѓу другото, портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер го оцени американското признавање на уставното име на Македонија. Тој и со апел до сите партии да го почитуваат исходот од референдумот и да продолжат да работат за финализирање на Рамковниот договор.

На вчерашната редовна прес конференција во Вашингтон, портпаролот на Стејт департментот Ричард Баучер изјави дека резултатот од референдумот ја потврди силната решеност на Македонците да ги продолжат евроатлантските интеграции

„Тоа е јасна поддршка на Охридскиот рамковен договор и ја потврдува нивната волја да ги надминат предизвиците од неговата имплементација. Ги повикуваме сите партии да го почитуваат овој резултат и во рамките на демократскиот процес, да продолжат да работат на финализација на Рамковниот договор. “

Изјави портпарлот Баучер, додавајќи дека партиите треба да работат и во обезбедувањето постојан прогрес во правец на членство на земјата во НАТО и во Европската Унија.

„Со признавањето на македонското уставно име во минатата недела ние ја нагласивме поддршката на Соединетите Држави за трајна, мултиетничка и демократска Македонија, во постојните граници. Веруваме дека оваа порака придонесе за храбриот избор што го направија македонските граѓани да продолжат на курсот на Рамковниот договор.“

На прашањето дали одлуката на Вашингтон за признавањето на Македонија под уставното име, со цел да се влијае врз референдумот, вредеше, ако се има предвид тоа што таа одлука со вознемиреност е прифатена во Грција, портпаролот на Стејт Департментот Баучер со одговор:

„Мислам најпрвин дека заслугата за ова им припаѓа на луѓето во Македонија кои, како што мислиме, донесоа мудра и храбра одлука на референдумско ниво да се држат до рамковниот договор иако тоа вклучува и многу промени во нивното општество. Во врска со тоа дали придонесовме за исходот мислам дека тоа би било тешко некогаш да се измери, бидејќи имаше инволвирано многу фактори. Но, мислам дека нашата одлука беше исправна поради доста причини, вклучувајќи ја и можноста јасно да покажеме дека сме за стабилно, мирољубиво и мултиетничко општество во македонија. И мислиме дека оваа порака го надминува и самиот референдум.“

изјави портпаролот на Стејт Департментот Ричард Баучер на вчерашната прес конференција во Вашингтон.
XS
SM
MD
LG