Достапни линкови

Ниту една компанија нема исполнето европски стандарди


Во Македонија постојат 110 регистирарани фирми што вршат преработка на месо. Досега ниедна од овие компании своите производи не успеала да ги извезе на европскиот пазар.

„Сеуште ниту еден произведувачки капацитет не е регистриран за ЕУ. Се оди кон тоа, се надеваме дека за година до две ќе имаме и ние број за ЕУ,“

вели Раде Трајковски од „Глобус“. Во Европа не може да се пласира месен производ доколку претходно не се обезбеди комплетна контрола на целиот процес. Македонските компании засега не можат да обезбедат таква контрола:

„Тоа е пратење на месото, од фаза магацин, до готов производ, салама или парче месо.“

Македонските компании не располагаат ниту со „Хасеп“ стандарди, а исто така ниту со систем кој потврдува од каде потекнува суровината. Сите овие стандарди и системи ги бара Европа:

„Кога ќе намирисаме дека ќе можеме да влеземе во Европа, ние веднаш ќе пристапиме до тој систем. Тој систем е доста скап, минимум чини 250,000 евра.“

И да ги имаме сите документи и да обезбедиме квалитет на највисоко ниво ние не можеме да извезуваме преработки од месо во Европа, тврди Влатко Георгиевски од МИК Свети Николе.

„Со самите слики што го опкружија светот на нашите фарми, ќе треба години и години да поминат да ги убедиме дека ние еколошки и по сите стандарди произведуваме.“

И не само во европските земји, ние имаме проблеми и со извозот во балканските држави. Но, во овој случај главната пречка се границите:

„Ако нашиот производ стои една недела по граници, а првите 15 дена се најидеални за негово консумирање, додека да се изврши дистрибуцијата му поминал најубавиот период.“

гласно коментираат луѓето кои веќе десетина години се занимаваат со овој бизнис, а сеуште не успеале своите производи да ги пласираат на европскиот пазар.
XS
SM
MD
LG