Достапни линкови

Потпишан договор за соработка меѓу македонската и американската влада


Клучните поенти на посетата на американскиот секретар за одбрана Доналд Рамсфелд се: потврда на партнерството меѓу двете земји, благодарност за нашето учество во сојузничката коалиција во Ирак, поддршка за македонските аспирации за членство во НАТО. Од политички аспект, без изненадување, пораката на Рамсфелд, за најактуелното прашање во земјава, референдумот, не се разликува многу од пораките што и досега доаѓаа од претставниците на американската администрација. Во таа смисла на прес конференцијата во македонската влада што ја одржаа Рамсфелд и Бучковски, американскиот секретар за одбрана рече:

„Македонскиот народ се наоѓа пред избор меѓу иднината во НАТО и ЕУ и враќање во минатото. Членството во НАТО, зависи и од имплементацијата на Рамковниот договор, вклучително и од децентрализацијата што законот усвоен во август треба да ја овозможи.“

Инаку, на прес конференцијата и претходеа разговори на американскиот секретар за одбрана со премиерот Костов и вице премиерите Џафери и Шеќеринска, со претседателот Црвенковски, како и свечена церемонија во Министерството за одбрана, на која на четворица војници им се доделени медали за храброст, во спасувањето на животите на американските војници за време на нивното учество во мисијата во Ирак. Станува збор за професионалните војници од единицата за специјални намени „Волци“. Конретен резултат на посетата е потпишување на договорот меѓу Македонија и САД во одбраната и неширењето на оружјето за масовно уништување. Со овој договор што го потпишаа Рамсфелд и Бучковски во Скопје, за Македонија се отвора можност за примање на донации од високо софистицирана опрема и техника. Во тој контекст, во контекст на борбата против тероризмот се и македонските иницијативи за формирање на регионален центар и одржување на воени вежби, еднаш годишно, на земјите членки на Јадранската група: Македонија, Хрватска, Албанија и САД.
XS
SM
MD
LG