Достапни линкови

Македонија пример за стабилност и безбедност во регионот


Референдумот што треба да се одржи во Вашата земја е главно прашање, но притоа сакам да напоменам дека особено важно е спроведувањето на Рамковниот договор – изјави Џулијано Амато, претседавач на средбите што се одржуваа денес во земјава меѓу претставници на Меѓународната комисија за Балканот и домашните фактори. Според него, Рамковниот договор е важен момент и во приближувањето кон Европската Унија, покрај постигнувањето и на другите европски стандарди:

„Македонија нам ни изгледа, барем до овој момент, како пример за стабилност и безбедност. Некои економски параметри се добри, но имате, на пример, висок степен на невработеност, што значи дека треба во одредени делови напорно да работите“ – изјави Амато.

Оваа комисија, инаку, е формирана годинава и има задача напролет идната година да изготви финален извештај за состојбите во регионот. Членовите на комисијата работат во пет групи и се среќаваат со личности од јавниот живот во земјава – како политичари, невладиниот сектор, потоа бизнис секторот, со меѓународните претставници, уредници на медиумите во Македонија и слично. Тие разговараа со премиерот Хари Костов и со вицепремиерката задолжена за евроинтеграции Радмила Шеќеринска. Три групи, пак, се во посета на Куманово, каде што меѓу другите е поранешниот министер за надворешни работи на Србија и Црна Гора Горан Свилановиќ. Во Струга е поранешниот претседател на Македонија Киро Глигоров и поранешниот италијански премиер Џулијано Амато, а во Тетово е екс-министерот за финансии на Турција Кемал Дервиши, пратеникот во хрватскиот парламент Невен Мимица и директорот на невладината организација Демократии во транзиција.

Во меѓународната група за Балканот членови се и словенечкиот комесар во Европската Унија Јанез Поточник, шефот на романската дипломатија Мирчеа Џоана, поранешниот шведски премиер Карл Билд. Директор на Комисијата е Иван Крастев од Бугаријаа претседавач на средбите во земјава поранешниот италијански премиер Џулијано Амато.

Од Скопје утре членовите на комисијата заминуваат за Тирана каде што ќе се одржуваат лични средби, откако такви беа одржани во Белград и во Приштина, а во наредниот период ќе следат и во Загреб.
XS
SM
MD
LG