Достапни линкови

Македонија генерално ја почитува слободата на вероисповед


Уставот предвидува слобода на вероисповед и владата генерално го почитува ова право во практика. Ова, во делот за Македонија, го оценува американскиот Стејт Департмент во својот годишен извештај за верските слободи во светот. Во него, меѓу другото, се наведува и загриженоста поради влошувањето на односите во православната заедница, посебно меѓу Македонската и Српската православна црква.

Американскиот Стејт Департмент во минатата година не констатирал промени во однос на почитувањето на верските слободи во Македонија. Притоа се наведува дека немало провокативни акции од страна на државата или од, како што се вели, недржавните актери. Фокусирањето врз унифицирана држава за сите граѓани го задржува и статусот на таа земја дека таму се почитува верската слобода. Кон тоа придонесуваат и генерално пријателските односи меѓу различните религиозни заедници, се наведува во ивештајот во кој се посочува и згриженоста од влошувањето на односите во православната заедница, особено меѓу Македонската и Српската православна црква. Притоа, Стејт Департментот оценува дека дека во овој спор македонската влада отворено застанала на страната на македонската црква. Во врска со ова опширно се опишува случајот со Јован Вранишковски кој, како што се наведува, со своите следбеници во таканаречената Охридска архиепископија го предводел расколот во Македонската православна црква. Тие, како што се додава, се тесно поврзани со Српската православна црква која продолжува да не го признава независниот статус на Македонската православна црква. Инаку, годишниот извештај на Стејт Департментот за верските слободи во светот вчера го претстави државниот секретар Колин Пауел кој наведе дека Соединетите Држави се надеваат да ги охрабрат другите земји да ја прифатат верската толеранција, која, како што наведе, е важен дел од американската демократија.

,,Осветлувајќи го ова прашање, овој извештај ја означува американската поддршка за сите кои имаат намера да ја следат нивната совест без таа да биде прогонувана.”

Рече Колин Пауел за извештајот во кој осум земји во светот се наведени во листата на оние што не ја почитуваат верската слобода. За прв пат на овој список се најде и Саудиска Арабија, близок сојзник на Соединетите Држави во борбата против тероризмот. Амбасадорот Џон Ханфорд соопшти дека Стејт Департментот се решил да ја покаже својата загриженост за верските слободи во Саудиска Арабија и покрај последните тамошни подобрувања во таа сфера

,,Ние чувствуваме дека подобрувањата не се адекватни за да можеме да ги сместиме во позиција да не заслужуваат забелешки.”

Изјави Ханфорд кој како пример за нетолеранција ја посочи неможноста на немуслиманите да станат државјани на Саудиска Арабија. Покрај оваа земја на списокот се најдоа уште: Северна Кореа, Кина, Иран, Бурма, Еритреа, Судан и Виетнам.
XS
SM
MD
LG