Достапни линкови

Почнаа судските процеси против 60 стружани за инцидентите на 22 јули


Со сослушување на дел од осомничените кај истражен судија, денеска во Основниот суд во Струга, започна процесуирањето на кривичните пријави против 60 стружани, осомничени за учество во инцидентите на 22 јули годинава, за време на престојот на Министерот за одбрана Владо Бучковски на Струга. Во организација на Кризниот штаб за опстанок на Струга во постојните граници во истовреме, 100 граѓани пред судот одржаа мирен протест, во знак на поддршка за осомничените и со порака за правичност на судската власт. Најголемиот дел од граѓаните се товарат за кривичното дело учество во толпа, неколкумина за недозволено поседување оружје и за предизвикување општа опасност. Осомничените велат дека не се чувствуваат виновни за овој, според нив, политички монтиран процес и дека протестирањето против новата територијална организација е нивно право, а според одбраната во оваа фаза од постапката, нема докази за обвинението.

Со денеска започнатиот процес во Струга се процесуираат кривичните пријави против граѓаните што учествуваа во протестот и драматичните настани кога беше демолирана зградата на политичките партии во овој град, во која беа фрлени молотови коктели, по што министерот Бучковски беше извлечен со интервенција на специјалните полициски сили, а имаше повредени и приведени лица.

Денеска во Струга започна и акцијата за собирање потписи, за поддршка од граѓаните за поднесување кривична пријава, против Министерот Владо Бучковски, за изнесени клевети и навреди кон граѓаните на Струга.
XS
SM
MD
LG