Достапни линкови

Државата нема пари, градската болница се реновира од спонзори и донации


Преку 20,000 пациенти годишно, бараат помош од Градската болница во Скопје. Бидејќи се наоѓа во центарот на градот, ургентниот центар во оваа болница, функционира со полна пареа. Зградата на болницата датира од 1931 година, и досега не е направена некоја посебна реконструкција на објектот:

„Тоа што беше направено е направено. Од тогаш до сега не е направено ништо. Тоа што беше со фасадата, се направи, ама внатрешниот дел воопшто не е реновиран.“

Пациентите може да забележат дека во последно време се санира внатрешноста на болницата. Според директорот на клиниката Божин Ефтимов, ова е неопходно за да може да се извршува работата, а и пациентите да се почувствуваат дека се наоѓаат во сериозна клиника.

„Сега во моментот се реновира поликлиничкиот дел. Се прават сите амбуланти, по најсовремен, европски модел. Сите да бидат со климатизација, со компјутери, за да може целата болница да ја ставиме во функција и да биде од европски тип.“

Но, и покрај сите напори да се обезбедат средства, државата едноставно нема пари. Се што досега е сработено е од ситни донации и помош од пријателите на болницата. Сепак, освен реновирање на градската болница неопходна е и нова опрема којашто чини многу пари. Оваа што сега ја имаме, е во ред, но е застарена и прашање е на време кога ќе престане да работи:

„Значи, дополнителни спонзорски средства земаме, односно донации, за да ја ставиме болницата со услови коишто нашите граѓани ги заслужуваат.“

Тој е одлучен работата да ја дотера до крај и градската болница комплетно да е реновирана и опремена. Тие упатуваат апел до сите кои се во можност да и помогнат на градската болница. Санацијата на една од најпосетените клиники во градов, е во интерес на сите нас, порачува Ефтимов.
XS
SM
MD
LG