Достапни линкови

Стратешко прераспределување на силите на САД


Американските сили вложуваат напори да се справат со мисиите во Ирак и во Авганистан како дел од она што претседателот Џорџ Буш го нарекува војна против тероризмот. Од друга страна, десетици илјади војници се наоѓаат во Европа и Источна Азија, остаток од американското позиционирање за време на Студената Војна која заврши пред петнаесетина години. Сега Буш е подготвен некои од тие трупи да ги врати дома, или да ги размести во други земји во Источна Европа и во Централна Азија.

Претседателот Џорџ Буш го најави планот за повлекување на седумдесет илјади американски војници од Европа и од Источна Азија. Тоа би претставувало едно од најголемите повлекувања на американските воени сили по Втората Светска Војна. Според Буш, Соединетите Држави мораат да го редефинираат нивното воено присуство во светот, со цел подобро да одговорат на новите закани.

„Светот во голема мера се смени. Нашето присуство мора да се менува во согласност со тоа, но и поради семејствата на нашите војници и поради нашите даночни обврзници. На таков начин ќе бидеме поефикасни во планирањето на нашите сили и на ширењето на слободата и мирот.“

Изјави Буш на конвенцијата на американските Ветерани од војните во странство во Синсинати, не давајќи повеќе детали за новото разместување. Агенциите шпекулираат дека најголем дел од војниците ќе бидат вратени дома, но ќе има и такви кои ќе бидат распоредени во Ирак и во Авганистан, како и во источноевропските земји кои се членки на НАТО. Тука најчесто се спомнуваат Полска и Бугарија, но и Узбекистан каде што има стационирано сојузнички сили уште од американската инвазија врз соседниот Авганистан пред три години. Како и да е, претседателот Буш изјави дека новото преместување ќе се одвива во наредниве десетина години. Според секретарот за одбрана Доналд Рамсфелд, кој ќе биде директно одговорен за тоа, не станува збор за итен и масовен чекор.

„Tоа cигурно нема да биде големо придвижување. Она што ќе се случи е што ќе бидат забрзани преговорите со земјите по што, би следело етапно повлекување на војниците.“

Инаку, американските воени планери сметаат дека огромното присуството на американските сили во Германија е бесмислено со оглед на фактот што Студената Војна заврши пред петнаесет години. Сепак, Вашингтон е на став дека таму би требало да остане американската воздухопловна база, како своевиден мост на силите од Европа до Блискиот Исток. Германските власти веднаш изразија загриженост поради ваквите американски планови. Во Берлин се оценува дека со тоа ќе се најдат на удар илјадници германски семејства кои работат во американските бази.
XS
SM
MD
LG