Достапни линкови

Постои можност за одложување на локалните избори


Бавната собраниска расправа, кај дел од партиите отвори простор да се размислува за евентуално одложување на локалните избори. Претседателот на Собранието Љупчо Јордановски за таквата варијанта вели:

,,Постои, секогаш постои можност, било кој закон да се измени и дополни. Тоа сепак зависи од анализите на Владата, дали тие ќе поднесат закон со кој ќе се направат измени. Во секој случај ако е тоа некоја опција, тогаш тој закон мора да се измени или дополни пред 7-ми август.“

Потпретседателот на СДСМ, Владо Бучковски по претседателството на таа партија синоќа, прашан за став на партијата за евентуално одложување на локалните избори рече, ако Собранието продолжи со такво темпо на работа, рокот кога изборите ќе треба да се одржат се пробива. Работа на Владата е да одлучи дали ќе бидат одложени изборите, рече Бучковски. За таквото решение во ДУИ велат:

„Ние сметаме дека до 7-ми август, кога е рокот за прогласување на изборите, има време во Собранието да се донесе пакетот закони за децентрализација. Ако тој рок не се запази мислиме дека тогаш, сакаме или несакаме, изборите ќе се пролонгираат.“

изјави Рафиз Алити. Имајќи на ум дека Претседателот на Собранието Љупчо Јордановски треба да ги распише изборите на 7-ми август најдоцна, а дотогаш во Собранието треба да поминат уште 140 амандмани кои главно се поднесени од опозициската ВМРО ДПМНЕ, таа варијанта за одлагање на изборите се споменуваше и пред почетокот на собраниската седница со цел да се обезбеди време за расправата. Но, во опозициската ВМРО ДПМНЕ велат:

„Изборите треба на време да се распишат. Да се одржат навреме, со вкупно 123-те општини, бидејќи во тек е и акцијата за собирање потписи за референдум и доколку успее акцијата тогаш изборите, ако бидат одржани според новата територијална поделба, ќе има многу проблеми ќе има општини во кои ќе треба повторно да се прегласува бидејќи територијална организација нема да се совпаѓа.“

изјави Силвана Бонева од ВМРО ДПМНЕ.
XS
SM
MD
LG