Достапни линкови

Според економските експерти, ќе предизвика инфлација


Доколку Владата и понатаму продолжи да ја следи политиката на стегање на монетарните и фискалните ремени по секоја цена, при пад на индустриското производство и зголемена невработеност, Македонија ќе влезе во најлошата фаза од рецесијата, предвидува професорот од Економскиот институт, Димитар Ефтимовски:

„Ќе нема пораст на вработеноста, а ќе има инфлација. Може да се очекува инфлација бидејќи многу е затегната макроекономската политика, таа е рестриктивна многу. Нема пари во економијата, стопанствениците неможат да подигнат кредити, неможат ниту да инвестираат.“

Проблемот е што од 1996 година, од кога Македонија се наоѓа во рецесија, ниедна од Владите не се обиде да ја промени економската политика исходот е, континуиран пад на економијата во изминатите осум години:

„Од 96-тата до 2002 година, значи во оној транзиционен период, индустриското производство во Македонија опаднало за 38 идексни поени, а стапката на вработеност во индустрискиот сектор опаднала за 43 индексни поени. Ете тоа треба да не загрижува.“

Намалувањето на каматните стапки, зголемувањето на јавната потрошувачка и откажувањето од политиката на стегање на платите во јавната администрација ќе предизвика заживување на економијата и прескокнување на црната дупка наречена, стакфлација:

„Мора во економијата, Владата да стимулира побарувачка односно потрошувачка. Ако тоа не се случи тогаш економијата сеуште ќе стагнира и ќе се движи кон се поголемо намалување на БДП и вработеноста и понатаму може да се очекува и пораст на инфлацијата.“

За Ефтимовски, е неприфатлива и политиката на Владата која наместо да бара „чаре“ за излез од кризата, добар дел од своите активности ги посветува во барање на оправдувања, дали има и колкав е падот на индустриското производство. Извозот е последица, а не фактор кој влијае на индустриското производство, па оттаму е невозможно со зголемување на извозот да се демантираат податоците за падот на овој макроекономски показател, тврди Ефтимовски:

„Индустриското производство расне или опаѓа, како резултат на фактори кои влијаат врз него, а не како последица на извозот на индустриското производство, затоа и не може да се направи толку лесно таа конекција да речеме дека, индустриското производство опаѓа, ама извозот ни покажува дека расне. Индустриските претпријатија може да имаат залихи, па тие залихи да ги користат во моментот и на тој начин да расне извозот.“

Според eкономските експерти, доколку во втората половина од 2004-та и се реализира оптимистичкото сценарио, резултатите би биле послаби од оние кои се планираа да се остварат на почетокот од оваа година.
XS
SM
MD
LG