Достапни линкови

Се понеизвесна е реализацијата на најавените странски инвестиции


Министерот за економија Стевче Јакимовски вели дека Владата интензивно работи на подобрување на условите за влез на странски инвестиции во државата, елиминирање на административните процедури, корупцијата, сивата економија…Во оваа насока, вели Јакимовски беше и новиот закон за трговски друштва:

„Имаме преку 100 милиони долари странски инвестиции, што значи дека очекуваме дека до крајот на наредната година бројката од 200 милиони долари, ќе биде исполнета.“


Јакимовски ветува дека наскоро ефектно ќе профункционира и Агенцијата за странски инвестиции:

„Сега го утврдуваме Управниот одбор, што значи дека Агенцијата за инвестиции ќе почне со работа и ќе си ја најде својата целосна имплементација токму во насока на барање на странски инвеститори, нивно спроведување до потребните проекти и обезбедување на потребните дозволи од надлежните министерства. Сега постои едно тело на ниво на државни секретари и доколку одреден странски инвеститор има некои проблеми, веднаш се разрешуваат на ниво на тоа тело.“

Наспроти ова, професорот Трајко Славески вели дека нема ништо од најавите дека ова ќе биде годината на економски бум, бидејќи и последните податоци од Заводот за статистика говорат дека Македонија влегува во рецесија:

„Истата тенденција ќе биде присутна и во второто тромесечие. Како што гледаме, половина година помина, а од најавите речиси и да нема ништо. Неизвесно е дали и воопшто ќе започнат некои инвестиции во слободната економска зона „Бунарџик“ долго најавуваната инвестиција на турскиот бизнисмен „Коч“ никако да почне да се реализира, понатаму и проектот за обиколницата околу Скопје, тапка во место.“

Славески смета дека во моментов и политичко безбедносната состојба, но и некреирањето на амбиен, ги одвлекува не само странските туку и домашните инвеститори да вложуваат во економски проекти:

„Една од причините е ниското ниво на доверба и кај домашните, не само кај странските инвеститори. Завршувањето на структурните реформи, завршување на процесот на фискализација, односно создавање на клима во која сите ќе имаат рамно поле за натпревар, што сега не е случај дека сите ќе плаќаат даноци и рамноправно ќе го поднесуваат даночниот товар, понатаму дека во економијата, монополското делување на некои претпријатија и влијанието на власта ќе бидат сведени на минимум. Сето тоа е само еден мал дел од сето она што треба да се направи, а сето тоа ќе се сведе на препораката за јакнење на институциите за подршка на пазарната економија.“
XS
SM
MD
LG