Достапни линкови

Цените нема да се зголемат


Словенечките производи во Македонија веќе 45 дена влегуваат со повисока царинска стапка. Причината е, со влегувањето на Словенија во Европската Унија престана важноста на договорот за слободна трговија потпишан меѓу Македонија и новата членка на европското семејство, а на сила стапи спогодбата за стабилизација и асоцијација со ЕУ, каде наместо нула царинската стапка за најголемиот дел од словенечките производи изнесува 16.8%.

Претставниците на словенечките компании во Македонија со став, ќе се трудиме додека можеме да издржиме, цените на стоките да не ги корегираме кон нагоре:

„Нема да има никакви поместувања на цените, тие ќе останат исти.“
„Ние одреден период ќе извршиме амортизација, затоа што имаме стока на лагер по стари цени и ќе гледаме да бидеме еден период коректни со цените, потоа е неминовност.“
„Заземавме став, да не се менуваат цените. Значи, матичната фирма во Словенија, тие цени ќе ги прифати на својот грб.“


велат Бојан Пановски од „Колинска“, Михаил Трендафилов од „Леснина Инженеринг“ и Ненад Јовановиќ од „Горење“

Најпогодени се фирмите кој увезуваат стоки од Словенија преку системот на квоти:

„Доколку сите оние квоти не се вметнат, тогаш Колинска ќе има приближно околу, ми се чини, ќе платиме повеќе царина, околу 80,000 евра.“

Според договорот за стабилизација и асоцојација со Европската Унија до 2010 година царинските стапки за производите кои доаѓаат од Унијата постепено ќе се намалуваат за да по овој период царинската стапка се сведува на нула:

„Бидејќи царините сукцесивно паѓаат, во 2010 година повторно треба да дојдеме на ниво од нула насто царина, заземавме став за тој процент да ја намалиме заработувачката.“

Приближувањето на границите на Европската Унија кон Македонија ќе значат зголемување на квалитетот на стоките кои влегуваат во државата:

„Ние сега наместо да работиме со Словенија, ќе работиме со цел свет, зашто царините меѓу Словенија и Европа се исти. За нас е се исто, ние сега ќе донесеме уште поквалитетна стока.“

Во моментов трговското салдо на Македонија со словенија е негативно односно е регистриран трговски дефицит од 80% или со други зборови 80 производи увезува Макеоднија од Словенија, а извезува само 20.
XS
SM
MD
LG