Достапни линкови

Не се најавени поголеми промени


Роковите за назначување мандатар за составување на новиот владин кабинет веќе течат. Хари Костов го доби аминот од партиските органи да биде наследникот на Црвенковски, кој од вчера и официјално стана претседател на државата и ги замрзна сите партиски функции. Иако, рокот за назначување на Костов за нов мандатар на владата, од страна на претседателот е десет дена, тоа ќе се случи и многу побрзо:

„Она што сега се знае е дека нема да има промена на бројот на ресорите на владата и кои партии кои ресори ги држат,“

изјави новиот премиер на владата Хари Костов, кој по официјалното добивање на мандатот има рок од 20 дена да го објави новиот состав на владата. Решението Костов да биде новиот премиер е прифатливо и за коалиционите парнери на СДСМ, ДУИ и ЛДП.

„Влегуваме во фаза кога ќе се разгледа од поблиску самата структура на владата, меѓутоа рано е да се даде било каква оценка како ќе изгледа новата влада,“

изјави портпаролот на владата Ермира Мехмети.

Дека апетитите на ДУИ да добијат еден од позначајните ресори не се мали, потврдува и еден од потпретседателите на оваа партија Рафиз Алити:

„Од посебно значење за нас е министерството за локална самоуправа, но не би било лошо да го добиеме и министерстовото за одбрана или надворешни работи,“

изјави за „Слободна Европа“ Рафиз Алити.

И покрај ваквите желби на ДУИ во СДСМ велат дека нема да има потешкотии во составувањето на новиот владин кабинет:

„Очекувам дека новиот мандатар, релативно брзо ќе може да го склопи новиот состав,“

изјави Радмила Шеќеринска.

Што се однесува пак, до ЛДП, извесно е дека оваа партија ќе го задржи истиот број министерства и во кабинетот на Хари Костов. Се работи за три министерства, но сеуште е непознато дали ЛДП ќе ги задржи истите: труд и социјала, економија и земјоделие.
XS
SM
MD
LG