Достапни линкови

Почнува 57-ото издание на филмскиот фестивал


Вечер почнува Пеесет и седмото издание на Канскиот Филмски фестивал. Атмосферата ветува дека фестивалот ќе биде поделен на филмски спектакли и на политички контроверзи. Американската војна против тероризмот и штрајковите на француските работници би можеле да фрлат сенка врз она што традиоционално е едно од најблескавите претставувања на филмската уметност во светот.

Полицијата е распоредена во сите делови на Кан во очекување на масовни демонстрации на француските културни работници поради планираното намалување на нивните бенефиции. Од друга страна, контра протести најавуваат и трговците во Кан кои не сакаат фестивалот да биде прекинат поради работнички демонстрации. Tука е и политиката. Меѓу осумнаесете филмови кои конкурираат за престижната Златна Палма, медиумите најмногу се фоксираа врз контроверзното остварување кое е крајно критички настроено спрема надворешната политика на американскиот претседател Џорџ Буш. Во минатата недела Компанијата Волт Дизни одби да ја преземе дистрибуцијата на ,,Фаренхајт девет, единаесет,,, остар поглед на војната во Ирак во кој се навестуваат врските на семејството Буш со Саудиска Арабија. Дизни оцени дека овој филм на режисерот Мајкл Мур е со премногу политички предрасуди. Мур пак, го обвини Дизни за цензура, додавајќи дека таа компанија одбива да го дистрибура неговиот филм поради страхувањата да ги загуби даночните олеснувања во Флорида, држава чиј гувернер е Џеб Буш, братот на актуелниот американски претседател. Мајкл Мур во минатата година доби Оскар за документарецот за насилството и за растечката таканаречена оружена култура во Соединетите Држави. Но, на многумина Американци им остана во сеќавање горчливиот анти Буш говор што Мур го одржа кога го прими Оскарот.

„Живееме во време кога имаме фиктивни изборни резултати со кои избравме фиктивен претседател. Живееме во време кога имаме човек што не праќа во војна за измислени причини. Ние сме против оваа војна. Засрами се, господине Буш.“

Грег Килдеј, новинар во Холивуд рипортер, весник на американската филмска индустрија смета дека тогашниот негов говор, но и сегашниот негативен француски став против Буш и војната во Ирак го зголемуваат интересирањето во Кан за Фаренхајт девет единаесет.

„Постои големо интересирање за овој филм што е против претседателот Буш и против американската политика по нападите на единаесетти септември.“

Вели Килдеј. Инаку, меѓу фаворитите на Канскиот фестивал се вбројува и филмот Животот е чудо на Емил Костурица кој пред девет години ја има добиено Златната палма за остварувањето Андерграунд. Во новиот филм Костурица на хумористечен начин ја раскажува приказната на еден српски бизнисмен кој одбива да види дека доаѓа војната во Босна се додека тоа не е предоцна. Во конкуренција се и остварувања од Иран, Романија, Казахстан и Русија. Што се однсува пак, до оној друг, неофицијален дел на Канскиот фестивал, без двоумење, како и досега, се очекува камерите да бидат свртени кон американските филмски ѕвезди. Овој пат тоа ќе бидат Том Хенкс, Бред Пит и Камерон Дијаз.
XS
SM
MD
LG