Достапни линкови

До сега, медиумите фер и коректно известуваат за претседателските кандидати


До сега работата на медиумите е во согласност со воспоставените правила за известување за активностите на политичките партии за време на изборната кампања и не е забележано прекршување на овие правила, информираат од Советот за радиодифузија.

„Краток е рокот од кога почнаат да се наб
људуваат медимуите, меѓутоа Советот, за сега, нема добиено од стручните служби информација за некое практично прекршување на правилата. Веројатно може да се каже дека е фер и коректно,“


изјави Илир Ајдини, заменик – претседател на Советот за радиодифузија.

Целта на мониторингот е да се согледа во која мерка медиумите што ја покриваат изборната кампања ги исполнуваат обврските што се утврдени со законите за радиодифузна дејност и за избор на пратеници во Собранието. Како и со одлуката за рамноправен пристап во медиумското претставување за избор на претседател на Република Македонија.

Првата квантитативна анализа од мониторингот ќе биде готова два до три дена од завршувањето на првиот изборен круг, велат од Советот за радиодифузија. Под мониторинг на Советот се над 120 електронски медиуми од земјава, вели Ајдини:

„Се набљудуваат сите електронски медиуми, над 120, вклучително националните концесионери. За таа цел се ангажирани над 110 набљудувачи.“

Позитивната кампања која ја водат учесниците во политичкиот изборен процес има свој одраз и врз јавноста, а тоа го прифаќаат и медиумите, смета Веле Митановски, директор на Агенцијата за информации:

„Медиумите пак, тоа го прифаќаат со симпатија и го афирмираат и не поттикнуваат дополнително вжештување. Во секој случај, партиите, односно нивните претседателски кандидати од една и медиумите од друга страна, кон светот емитуваат пораки, коишто во секој случај се небалкански, односно многу поцивилизаторски од она што го гледавме во претходните изборни циклуси. Да се надеваме дека така ќе биде до крајот на изборниот процес и дека тој квалитет на свртеност кон животни теми и европски погледи ќе продолжи.“

Позитивно, иако малку невообичаено, е и повикот од различните организации во земјава, кои повикуваат граѓаните да излезат на избори, за да не се повтори српското сценарио во земјава:

„Медиумите, невладините организации, па дури и верските организации, што помалку е и несвојствено, свесни за актуелноста на моментот и потребата од брз избор за претседател, апелираат за масовен одзив на изборите. Тоа говори за слух кон моментот, но и за општото созревање на електоратот и на граѓанството во најширока смисла.“
XS
SM
MD
LG