Достапни линкови

Во Скопје нови меѓупартиски разговори


Досегашната имплементација на Рамковниот договор во делот на децентрализацијата со посебен акцент на територијалната поделба, денеска е тема на средба во кабинетот на претседателот Борис Трајковски, а на која учествуваат првите луѓе на ВМРО-ДПМНЕ, СДСМ, ПДП, ДУИ и ДПА, претставник од заедницата на единиците на локалната самоуправа, како и од меѓународната заедница, односно ЕУ и амбасадата на САД.

Партиски експерти од овие партии пак, со претставници од владата, на посебна средба попладне ќе разговараат за фискалната децентрализација. Од ЗЕЛС на овие средби со свои забелешки:

„Околу територијалната организација на Република Македонија, одиме со став што е можно поголем број на општини да останат и се разбира една битна компонента за националниот или етничкиот клуч, кој во овој владин предлог мислам дека не држи, треба да биде исфрлен, треба општините да имаат објективни критериуми при цртањето на границите. Во делот на фискалната децентрализација, она што се предлага како дополнителни приходи, а тоа е данокот на персоналните примања, 33.1 насто мислиме дека е премногу малку и нашиот став е оваа сума да биде многу поголема. Минималната сума која ЗЕЛС ја очекува е 20 насто од вкупните приходи кои се остваруваат од данокот на персоналните примања,“

изјави Горан Ангелов од ЗЕЛС. И од опозиционата ВМРО-ДПМНЕ укажуваат на недостатоци во предлог законите кои се однесуваат на децентрализацијата:

„Не се согласуваме со критериумите според кои е направена новата територијална распределба и сметаме дека за едно вакво исклучително витално значење, кое ги засега сите граѓани на Република Македонија и кое, да не звучи премногу драматично, сепак ќе ја запечати, долгорочно судбината на сите граѓани на Република Македонија, мора да има приближување на ставовите,“

изјави Ганка Самуилова Цветанова.

Од владата велат дека постои расположение да се постигне консензус по законските решенија од оваа област.
XS
SM
MD
LG