Достапни линкови

Времетраењето на престојот за добивање државјанство основен политички спор


Некои партии сметаат дека границата од 15 години постојан престој за добивање македонско државјанство е доволен и така треба да остане, а други пак дека наместо осум како што стои во најновиот предлог усвоен од владата, рокот треба да се намали на пет години. Во ВМРО-ДПМНЕ велат дека сосема непотребно е скратувањето на рокот од петнаесет на осум години, а професорот Борче Давитковски кој беше дел од експертскиот тим за изготвување на новиот предлог закон одговара:

„Идејата за 15 години не е усогласување, тоа е старото решение. Ако сакаме усогласување, дијапазонот на услов треба да се движи од 5 до 10 години“

Додека во ПДП сметаат дека рокот, наместо осум треба да биде пет години:

„Претпоставувам дека Република Македонија не е некоја ветена земја, па ние да бараме 15 години непрекинат престој. Да им овозможиме на граѓаните кои се заинтересирани за државјанството на Република Македонија да го стекнат тоа. Ние пред се треба да бидеме заинтересирани во државата Македонија да има се помалку, односно воопшто да нема граѓани без државјанство. Тоа го диктира и членот 4 од Европската конвенција каде што се вели: секоја држава треба да се грижи нејзините граѓани да имаат државјанство“

изјави пратеникот Исмет Рамадани кој е и предлагач на ваквите измени. Професорот Давитковски смета дека со намалување на границата на осум години нема да дојде до вештачко зголемување на бројот на македонски државјани:

„Не верувам дека решението со осум години ќе предизвика вештаќко зголемување, бидејќи лица без државјанство, коишто по тој основ би требале да аплицираат за државјанство, колку што знам, во Македонија има само неколку стотици. А за Албанците кои што после сукцесијата останале тука, се предвидува посебна одредба која што ја регулира положбата на државјаните од бивша Југославија коишто се затекнати на македонските простори – тие да можат во рок од две години да аплицираат за македонско државјанство. Тука се отприлика две до три илјади луѓе“
XS
SM
MD
LG