Достапни линкови

Азис Положани, министер за образование. Нема тенденции за поделби меѓу учениците Македонци и Албанци


Годподине министер, каква е последната состојба со Шемшево?

Што се однесува до Шемшево, мислам дека ние успеавме да ја заокружиме нашата цел во однос на тоа што тогаш го нарековме компромисно решение. Објективно, исполнети се сите услови сите деца Македонци да се вратат во Шемшево. Ниту министерството, ниту кој било друг орган не може да калкулира со чувствата коишто се индивидуални, а кога ќе се групираат се и уште потешки за решавање. Има простор за поголема работа и ангажирање кон создавање на чувство на поголема сигурност и взаемна доверба, што секогаш е тежок процес којшто не зависи од владата и од кој било министер.

Недовербата и нетрпеливоста за која говорите не постои само во Шемшево. Таа е присутна и во некои средни училишта. Постојат толкувања дека решението е во физичкото одвојување на децата Албанци и Македонци во посебни училишта, а од друга страна се смета дека тоа би довело до уште поголема поделба. Каков е вашиот став?

Јас немам такво чувство дека има тенденција за одвојување на децата. Нормално дека има некои ситуации коишто се промовираат како желба за поделба, која што исто така произлегува од чувствата. Но, наша должност е да работиме заедно и да создадеме објективни просторни и други услови за учениците да учат заедно, затоа што често ни се случува поради објективни, просторни неможности, децата да се ориентираат спрема радикални решенија и да има чувство дека сакаат да се поделат. Така што, не можат да се дражат децата заедно или да се одвојат со декрет, со став од министерот. Не можам јас со сила да ги натерам луѓето да стојат заедно или да се поделат. Јас барам преку проекти успешно да спроведуваме модерни акции во училиштата со мултиетнички состав и конкретно да придонесуваме кон воспоставување на квалитетни услови во таквите институции, па тие сами по себе да бидат привлечни и родителите да оценат дека ако децата учат заедно, тука имаат подобри услови и затоа треба да бидат заедно.

Партијата од чиишто редови доаѓате, ДУИ, најавува решавање на статусот на тетовскиот универзитет. Како?

Тој долго време веќе работи таму и создава, како кадри, така и други аспекти од тоа што може да се нарече општествен ефект и затоа ние цениме дека е време таа работа веќе да се заврши со легализирање и вклопување на овој образовен сегмент во образовниот систем на Република Македонија, но секогаш имајќи го предвид исполнувањето на нормите и стандардите – процес којшто моментно е во тек во сите образовни институции на Република Македонија. Тоа е добра шанса и тетовскиот универзитет да преземе една таква евалуативна процедура којашто секогаш е основна база и за акредитирање на факултетите и универзитетите, со што би се покажало дека навистина, и од аспект на нивната внатрешна поставеност и квалитет ги исполнуваат условите што се иманентни за една високообразовна академска институција.

Како образованието ќе се справи со најавеното кастрење на јавната администрација?

Рационализацијата се предвидува не како специфичност на образованието, туку тоа е потреба од ревидирање на политиката во вработувањето во однос на оптовареноста на јавната администрација. Таа не е исклучена и во образованието, но не во насока таа да биде на штета на образовниот процес. Јас мислам и оценувам дека има простор за рационализација, што нема да се одрази врз воспитно-образовниот процес.
XS
SM
MD
LG