Достапни линкови

Трајковски не ги пречекорил надлежностите


Претседателот на државата не ги пречекорува своите надлежности е ставот на неговиот кабинет, реплицирајќи му на првиот парламентарец Никола Поповски. Тој минатата недела изјави дека единствено собранието може да одлучува за испраќање жива сила надвор од земјата или пак за доаѓање меѓународни сили во нашата држава.

„По прашањето на воена единица или воени единици надлежен орган за донесување одлука е Собранието на Република Македонија, а предлогот на одлуката е предлог што може да го изнесе пред собранието било претседателот на републиката било владата,“

објаснува советникот за правни и безнедносни прашања на претседателот Трајковски, Владо Поповски. Според него во отсуство на законот за надворешни работи претседателот на државата е тој којшто потпишува меѓународни договори.

„Според императивната норма на уставот, меѓународни договори склучува претседателот, став 1, а став 2 владата на Република Македонија може да склучи меѓународен договор само ако тоа е определено со закон. Со оглед на тоа што таков закон не постои се додека тој не постои, владата нема право да склучува договори од ваков тип за престој на странски сили во Република Македонија или за праќање на единици на АРМ.“

Според Поповски, советниците на претседателот не најавуваат воведување претседателски режим во земјава.

„Лично сметам дека на Македонија не и треба претседателски систем, туку парламентарна демократија, со одредени елементи на засилена улога на претседателот што е обезбедена со уставот од 1991 година и се однесува на начинот на изборот на претседателот и јасно и стриктно дефинирани надлежности во уставот коишто се претседателски надлежности.“
XS
SM
MD
LG