Достапни линкови

Заеднички весник како доказ дека може да се живее заедно


Средношколците во Тетово сакаат да покажат дека може да се живее заедно. Различната етничка и верска припадност за нив не беше проблем за да го поддржат проектот на одделот за развој на медиуми на ОБСЕ за мултиетнички младински весник во градот. Именуван како „Поинт“ средношколскиот весник кој излегува на две недели ги третира темите кои ги засегаат младите – од училиштето преку забавата, па се до семејството. Иако во него се насетува непрофесионалниот ентузијазам на тетовските средношколци, тој сепак е голема придобивка за градот кој се уште ги лекува раните од неодамнешната криза во земјава.

„Јас секој ден споделувам со младите дека сите ние сме различни. Имаме различна религија, но треба да живееме едни со други, а тоа значи прифаќање а не осуда. Може да се обидете да се разберете, но тоа можете да го направите само ако сте подготвени да прифатите дека луѓето се различни и дека ние нема потреба да разбираме зошто се тие различни, туку да ги прифатиме како такви“

вели Вера Олоорасуер, меѓународниот уредник во весникот, чија задача е на младите кои работат таму да им ја презентира онаа друга слика за светот, за младите и нивниот живот надвор од Тетово.

За работата, пак, врз текстовите на средношколците кои полни со идеи и теми ги преплавуваат уредниците Зоран Андонов и Аргон Беџети, велат дека е напорна.

„Работата е многу голема. Треба да се насочат, да им се посочат некои основни работи во новинарството, да им се каже како она што го пишуваат да го направат интересно. Од друга страна, многу е интересно да се работи со нив. Овие млади луѓе имаат многу идеи“

вели Андонов.

Македонското и албанското издание на весникот се идентични и се печатат во 8.000 примероци на албански јазик и 2.500 на македонски. Текстовите не ретко се работат во тим од по двајца ученици и проблеми од типот чија тема ќе работи и чиј текст ќе биде објавен, засега нема. Ги нема ни меѓуетничките проблеми. Иницијаторот на весникот и неговиот координатор Беким Асани, средношколец од Тетово, за целиот проект вели:

„Кога се спомнуваше Тетово, сите мислеа на војна. А друго беше животот во Тетово. Имаше некои дружења помеѓу Македонци и Албанци и така моите другари Македонци и Турци ме поддржаа и ни налета таа иницијатива да побараме помош од ОБСЕ. Тие не поиддржаа, а не подржа и една асоцијација од Лион и тие ни дадоа се што е потребно да почнеме со работа врз весникот. Досега работите се одвиваат многу добро“.
XS
SM
MD
LG