Достапни линкови

Изборите голем чекор кон демократијата


Првичните резултати од вчерашните парламентарни избори во Македонија, според Лос Анџелес Тајмс, покажуваат дека повеќето од два милиона и двесте илјади жители на земјата се уморни од политичарите кои ги доведоа, како што се наведува, до минатогодишниот оружен конфликт. „Тие се уморни од политичарите кои се поврзани со корупција и кои ја обновуваа нациналистичката реторика секогаш кога бараа поддршка од народот“ - пишува Лос Анџелес Тајмс, додавајќи дека вчерашното гласање било реалтивно фер. „Посебно ако овие избори ги споредите со претходните, претседателските во 1999 година и локалните во две илјадитата“ - цитира овој весник еден западен дипломат. „Премиерот го призна поразот во историските македонски избори“ - е насловот на Вол Стрит Џурнал во кој исто така се наведува дека гласањето – важен тест за кршливиот мир во земјата - било без поголеми инциденти.

„Македонците и етничките Албанци излегоа во скоро рекорден број да гласаат со што во неделата – на денот на демократијата, ги оставија настрана горчливите ривалства“ - пишува Вол стрит Џурнал. Весникот сепак додава дека славењето на победата на партијата на Али Ахмети во седиштето на Демократската унија за интеграција било обезбедувано од телохранители вооружени со калашњикови, а оти изборните прослави биле проследени со пукање и во Скопје. Според Вашингтон Тајмс, вчерашните избори претставуваа голем чекор кон демократијата-една година откако беше спречена граѓанската војна во земјата. „Немањето поголеми инциденти покажува дека демократијата го зазема местото тука“ - го цитира овој весник претседателот на Меѓународниот Републикански институт од Вашингтон Џорџ Фолсом. Британскиот Гардијан, осврнувајќи се на големиот одѕив на гласачите, пишува дека тие-со тоа ја изразија својата надеж за мир и за окончување на застрашувањето и на корупцијата. Според овој весник, Американците се надеваат да ја означат Македонија како мировен успех. НАТО мисијата во која има осумстотини војници во наредниот месец треба да биде преиспитана во Пентагон кој сега, како што наведува Гардијан, има поголема риба: во Заливот и во Авганистан. Весникот додава дека вистинскиот тест за Македонија доаѓа кон крајот на месецов кога партиите ќе се обидат да формираат нова коалициона влада. Можноста од постизборни проблеми се уште постои со реално прашање за тоа дали победничката македонска партија ќе одбие да формира коалиција со партијата на Ахмети поради нејзината улога во минатогодишниот конфликт. Можно е, според неофицијално освоените пратенички места, на социјалдемократите да не им треба коалиција, вели Лос Анџелес Тајмс, кој сепак наведува дека во таков случај тие ќе имаат силен притисок од Запад да направат коалициона влада. Вашингтон Пост пак, пишува дека новата влада ќе се соочи со големи проблеми, пред се во економската сфера – паднатиот бруто домашен производ на 4,6 проценти лани и невработеноста од четириесет насто – како и корупцијата и организираниот криминал што ги одвраќаат странците да инвестираат во земјата.
XS
SM
MD
LG