Достапни линкови

Стабилизирање на состојбата и решавање на потенцијалните проблеми


Стратегија за излегување од Балканот. Под овој наслов весникот Вол Стрит Џурнал објавува анализа на заменик директорот на Центарот за превентивна акција на американскиот Совет за надворешни односи Дејвид Филипс.

Западот цела деценија е инволвиран на Балканот. Toa започна со меѓународниот самит организиран од Обединетите Нации и Европската Унија во август 1992 година во Лондон. Се додека мирот не беше наметнат од надвор се зголемуваа бомбардирањата, поделбите и конц-логорите. Но, сега станува јасно дека без стратегија за излез, присуството на меѓународната заедница на Балакнот ќе нема крај, пишува Дејвид Филипс додавајќи: „Пред да се случи тоа многу важно е регионот да се стабилизира и да бидат решени потенцијално експлозивните прашања“. За да го постигне тоа пак, според Филипс, меѓународната заедница мора да биде искрена и јасна околу нејзините цели во регионот. Во стратегијата за излез водечка улога, наведува тој, мора да има Европа. Впрочем дипломати од Британија, Германија и Франција командуваат со протекторатите во Босна, на Косово и во Македонија, а Европската комисија плаќа лавовски дел од трошоците за реконструкција и развој на регионот, вели Филипс. Но, според него, Европа не смее да размислува за излегување од Балканот ако претходно не го престори во партнер, а не како досега во протекторат, бидејќи секоја балканска држава има аспирации да биде мирољубива и просперитетна и тоа како дел од Европа. Почетокот на мирната интеграција Дејвид Филипс го гледа во решавањето на статусот на Косово. Наведувајќи дека дури и белградските прореформски политички лидери денес знаат дека Косово е загубено, тој вели дека сега вистински предизвик за меѓународната заедница е да одговори на прашањата: како, кога и колку ќе чини независноста на Косово? Меѓутоа, би било грешка ако таа дојде избрзано како што бараат косоварите. Раните од војната се уште се длабоки. Затоа, смета Филипс, би било добро да има еден период на, како што вели, ладење кој ќе им помогне на Србите и на етничките албанци да развијат модус вивенди што пак од своја страна ќе го отвори патот за прифаќање на нивните одвоени судбини. Претходно, косоварите треба да покажат дека се за меѓуетничко општетство. Тој е на мислење дека за да се запечати ваквиот развој на настаните Русија и Америка заеднички треба да спонзорираат резолуција во Обединетите нации која би ја заменила сегашната 1244. Во неа би се реафирмирал територијалниот интегритет на другите земји во регионот и би било покането Косово да стане членка на Светската организација. Според Филипс, овој период ќе создаде можност и за консолидирање на демократијата во Србија, ќе го зачува интегритетот на Босна и ќе ја засили мултиетничноста на Македонија.
XS
SM
MD
LG