Достапни линкови

Никој не смее да располага со туѓите права


Кога станува збор за човековите права во Македонија е присутна предрасуда - не дека човекот ги поседува своите права туку дека тие му се даваат. Таквиот приод е погрешен укажува проф. Др. Зоран Сулејманов од Институтот за социолошки и политичко правни истражувања . „Многу е жално што областа на човековите права кај нас се третира како сексуално прашање. Колку и да звучи вулгарно тоа морам да го кажам и да го нагласам затоа што дојдовме во ситуација на оние што сметаат дека се господари на правата, да доаѓаме во ситуација да им го поставуваме прашањето дали ќе ми дадеш, колку пати ќе ми дадеш, дали си ми дал доволно или не си ми дал, па веќе ти дадов еднаш, колку пати уште сакаш да ти дадам, и апсурдот на сето тоа дали си задоволен и кога ќе прекинеш со барањето на одредени права и слободи,“ – рече Сулејманов кој оценува дека луѓето треба да сфатат дека не постои моќник кој има право да располага со туѓите права, но во исто време ја има предвид и реалната состојба дека во Македонија има многу нормативи со кои правата на лугето се гарантираат но од друга страна тие често се кршат. Има примери кога истакнати личности и покрај своите постапки кои се кривично казниви поминуваат без да бидат санкционирани. Граѓаните немаат етички пример според кој и тие би се однесувале во општеството, смета Сулејманов, имајќи ги предвид примерите на непотизам, на грабеж на општествениот капитал и на корумпираност кои поминуваат неказнето.

Според Аделина Марку, суштината на човечкото достоинство треба да биде способноста на човештвото на колективен начин да го разбере чувството за толеранција и потребата за правдина со што ќе се отстранат непотребните страдања на индивидуата и групата. „Превентивните средства преземени правилно и правовремено ќе ги елиминираат ситуациите во кои индивидуата и групата ќе имаат причина и волја да бараат достоинство, бидејќи фактот дека и припаѓаат на една човечка заедница му го даваат роденото право за човечко достоинство“ - рече Марку.

Сулејманов додава дека е битно наместо граѓаните да се делат според нивната национална или политичка припадност на секој нивен чекор во државата, поважно е да бидат сконцентрирани на пример на тоа како и колку може да придонесат за развојот на економијата . Но во пракса е обратно. „На секој чекор среќаваме дека за било каква молба, жалба тужба или слично стои една графа во која мора да се определиш што си по националност. Ако продолжиме по оваа логика, зошто да не ставиме графи, на која партија припаѓаш, дали потекнуваш од животинскиот или од човековиот свет итн. Точно да се определат сите детали според кои некој сака да го цени човекот, а според мене не му е место да ги цени според тие односи и според тие карактеристики никакви вредности кај никого,“ заклучува Сулејманов.
XS
SM
MD
LG