Достапни линкови

Ситни пропусти или министерска суета - зошто е разрешен доктор Јовев


Кардиохирургот Сашко Јовев беше разрешен од функцијата директор на Универзитетската клиника за кардиологија.
Кардиохирургот Сашко Јовев беше разрешен од функцијата директор на Универзитетската клиника за кардиологија.

Министерот за здравство вели дека доктор Сашко Јовев е разрешен од функцијата директор на Клиниката за кардиохирургија поради утврдени пропусти во неговото работење. Јовев вели дека пропустите биле „ситни“, и дека се сомнева дека тоа е главната причина за негово разрешување.

Кардиохирургот и директор на Клиниката Сашко Јовев во 2022 дежурал повеќе во болницата, а некогаш за тоа и без да добие дозвола од тогашниот министер за здравство. Ова е причината наведека во решението за неговото разрешување од страна на актуелниот министер за здравство Фатмир Меџити. Но Јовев се сомнева дека причината е само суетата на министерот.

Бурни се реакциите во јавноста откако вчера беше разрешен Јовев, еден од најдпознатите кариорихурзи откако ја предводешепрвата трансплантација на срце во земјата, а потоа направи уште девет трансплантации.

Министерот за здравство Меџити и денеска повтори дека кардиохирургот Јовев треба да биде разрешен од функцијата бидејќи направил злоупотреба на работното време и пропусти во менаџирањето. Беше најавен и брифинг на службите во Министерството за да бидат детално објаснети причините за рзрешувањето, но тој беше откажан.

Но, според доктор Јовев, од Министерството за здравство биле утврдени „ситни пропусти“, за кои не требало да има негово разрешување.

Јовев денеска зборуваше пред Клиниката за кардиохирургија, каде се собраа негови колеги и пациенти да му дадат поддршка, но тој посочи дека се сомнева оти „пропустите“ се причина за неговото разрешувањето. Јовев објасни дека деновиве е соочил со притисоци поради направена грешка во протоколот од минатата сабота, за отворањето на новата сала за одржување пациенти додека за нив не бидат обезбедени органи за трансплантација.

„Се случи тоа да уредно бидат поканети сите, но едноставно министерот за здравство не дојде сметајќи дека касно е дадена поканата и дека порано поканата му била дадена на премиерот. Јас не можев тука да се мешам, тоа е Влада, тие решаваат меѓу себе и јас се најдов некаде во средината, за да на крајот ете испаднам жртва. Но, не испаднав само јас жртва, испадна Кардиохирургијата“, рече Јовев на 6 јуни пред Универзитетска клиника за кардиохирургија.

Тимот на Кардиохирургија заедно со Јовев денеска го повикаа Министерството за здравство, министерот Меџити и Владата да ја преиспитаат одлуката за разрешување, бидејќи како што рекоа „тимот кој победува не се менува“. Јовев додаде дека неговиот тим работи на клиниката за Кардиохирургија 24 часа во неделата, велејќи дека пропустите поради кои Министерството го разрешува се покривање на две дежурства, а за кои немал дозвола.

Пациентитие на Јовев - ова е дом на докторот!

Додека Јовев зборуваше пред Клиниката за кардиохирургија, негови колеги и пациенти се собраа да му дадат поддршка. Пациентите го извикуваа неговото име и сведочеа за тоа како ги спасил.

„Нема правда тука, не можете да избркате некого од неговиот дом, а ова тука му е дом на докторот“, рече Ангела од Скопје, пациентка на докторот Јовев.

Сашко Јанкуловски од Скопје, исто така пациент на Јовев на кого му била направена трансплантација, рече дека е револтиран од непрофесионалноста на министерот Меџити, кој според нив има цел на Клиниката да постави политички, а не професионални и стручни кадри.

„Дојдовме овде да му дадеме поддршка на професорот Сашко Јовев и неговиот тим кои безрезервно се дадоа за над, да ни дадат нови животи на сите трансплантирани“, рече Јанкуловски.

Љупка Спасовска од Скопје рече дека не сакаат да го изгубат доктор Јовев, кој според неа „перфектно“ ја вршел својата работа.

„Ние во нашава држава имаме мал број на вакви кадри и срамота е да се прави ова на човек кој најпрофесионално ја врши својата работа. Јас сум оперирана од бајпас пред седум месеци и сега се чувствувам преубаво. Од односот на персоналот и на професорот Јовев немам никаква забелешка и не смееме да дозволиме да биде шиканиран професорот.“

Адвокатот на Јовев најави тужба на разрешувањето

Меѓу собраните на Клиниката за кардиохирургија беше и адвокатот Мите Михајловски рече дека во решението за разрешувањето на Јовев стои дека за 2022 година имало исплатни листи за дежурства, а дека дежурствата не ги одобрил министерот за здравство.

„Замислете доаѓа некој со итна потреба на клиниката, а портирот да му рече извинете немаме согласност од министерот дојдете утре. Значи само тоа е причината, дежурството. Вчера слушнавме на телевизија дека кој знае какви злоупотреби имало од професорот Јовев. Значи единствена причина е дежурството. Јас како правник поставувам прашање, како може оваа клиника да нема дежурство? Значи тоа е злоупотреба од министерот ако не дал согласност да се организира дежуство. Така да апсолутно нема никаква причина за разрешувањето и ова од далеку се гледа дека нема повреда, туку дека нешто друго е во позадина“, рече Михајловски кој нјави дека ќе поднесат тужба на одлуката за разрешување.

Министерот за здравство Фатмир Меџити изјави дека Јовев е разрешен откако инспекцијата утврдила „големи злоупотреби“ на Клиниката за кардиохирургија, но додаде дека веќе нема да има директори кои ќе работат без „никаков резултат“.

„Затоа здравството е во ваква амортизирана состојба. Секогаш кога ќе има нерегуларности во работењето и во се друго, јас вака ќе постапам. Ова е само почеток, ќе видите дека некој нема да седи шест месеци, ќе поднесе извештај за тоа што има сработено, рече Меџити.

Актуелната директорка на Државниот санитарен и здравствен инспекторат (ДСЗИ), Рената Младеновска за „Фокус“ потврди дека досега не правеле никаков надзор на Кардиохирургија.

„Досега, ние како ДСЗИ, не сме правеле никаков надзор на Кардиохирургија, ниту, пак, досега имало таква потреба. Откако сум јас директорка, до нас немало никаква претставка за работата на Кардиохирургија. До ДСЗИ не е доставен налог од министерот за здравство за вршење на вонреден инспекциски надзор во Клиника за кардиохирургија. Секако дека се вршеле редовни надзори“, изјави Младеновска за „Фокус“.

Меџити најавува чистка на директори и на другите Клиники

Меџити додаде дека Јовев бил кадар на коалицискиот партнер СДСМ и оти тие треба да предложат друго име. Меџити рече дека покрај разрешувањето на организациските директори во Клиничкиот центар во Скопје, исто така медицинските директори ќе бидат пренаменети во раководители на соодветни клиники.

Меџити рече дека покрај разрешувањето на организациските директори во Клиничкиот центар во Скопје, дека исто така ќе има пренаменување на медицинските директори во раководители.

„Ова се однесува само на Клинички центар. Не дека ќе ги снема само организациските, туку и медицинските директори, кои ќе се пренаменат во раководители на тие клиники. Како што е ЈЗУ Универзитетска клиника за трауматологија, ортопедски болести, анестезија, реанимација, интензивно лекување и ургентен центар (ТОАРИЛУЦ). Тоа е успешна приказна и супер функционира“, изјави Меџити.

Јовев во мај 2020 година беше предводник на тимот кардиохирурзи коишто ја направија првата успешна трансплантација на срце од починат донор на Клиниката за кардиохирургија. Потоа следуваа уште четири успешни трансплантации на срце во периодот до август 2021 година. Досега Јовев предводеше вкупно девет трансплантации.

  • 16x9 Image

    Владимир Калински

    По завршувањето на студиите по новинарство започна да работи во А2 телевизија каде што известуваше за политички, економски и социјални теми. Потоа беше ангажиран во македонската редакција на Радио Дојче Веле во Бон. Во последниве неколку години работи во Радио Слободна Европа.

XS
SM
MD
LG