Достапни линкови

ОФФЕСТ 2022 – Мисијата продолжува


Плакатот за 21 ОФФЕСТ - автор Зоран Кардула
Плакатот за 21 ОФФЕСТ - автор Зоран Кардула

Балаке Сисоко, виртуозот на кора од Мали, Лукас Сантана - бунтовникот од Бразил, колумбиската супер група ЛОС ПИРАЊАС, Италијанката Марија Мацота, нашите „Добрила и Доријан дуо“ ... се само некои од учесниците на 21 издание на ОФФЕСТ, фестивалот што од 1 до 4 јуни ќе се одржи во Скопје.

По двете години на изместено, но жилаво делување во пандемиски услови кога и самото присуство на концертните настапи беше елемент на некаква лична храброст, ОФФЕСТ како фестивал на урбаната македонска публика му се враќа на добро познатиот, па ако милувате и традиционален термин на одржување – почетокот на јуни. И, на тој начин буквално се обновува востановениот ред на возење на двете големи и значајни манифестации што ги потпишува Скопскиот џез фестивал и кои бездруго се едни од ретките нитки што во овие четири децении најдиректно не врзуваат со културниот свет. Или не прават горди и не само со смислениот избор на артистите во програмата, туку и со чинот на нивно достојно претставување во генерално скудни услови во државата во која културата е на опашката од нејзината грижа.

И, кога ова е веќе нашата реалност, дури понекогаш е навистина чудно, ајде да кажеме за неверување, од каде толку сили и истрајност кај потписниците постојано да изненадуваат во ниту еден момент не отстапувајќи од концептот да нудат не само квалитетни имиња, туку и музичари кои докажале дека се вистински борци против неправдата на овој несовршен глобален свет. Значи, МИСИЈАТА продолжува.

И, токму во тој контекст е подготвувана и програмата за 21 издание на ОФФЕСТ, фестивалот на една поинаква светска музика во која се вкрстуваат искрениот пристап кон традицијата, кон изворните постулати на музичките јазици и нивната обмислена надградба и осовременување, кон музиката генерално и кон стремежите за слобода од било какво угнетување својствени за сите четири страни од оваа веќе загрозена планета. Едноставно како глас на разумот, во времево на општа деструкција.

ПЕРИЈА

Но, да тргнеме со ред.

Првата вечер од Фестивалот не случајно е резервирана за македонските музичари.

На сцената во НОБ, први е предвидено да се појават ПЕРИЈА, дружината која од 2015 година наваму, на плоштадите и улиците од градов како пожелувана сцена, е постојано отворена за средби и музички соработки. За фузија во која обработуваат стари, речиси заборавени песни со сопствена оригинална авторска музика и аранжмани. За ПЕРИЈА ќе биде забележано дека во својот вокален израз употребува различни јазици од регионот и пошироко, „бидејќи веруваат во еднаквоста на културите“. Нивните музички влијанија може да се најдат во модерната класична музика, атоналната, пост-панк, рок, метал, психоделичниот транс, па сè до традиционалната балканска музика, и онаа од Блискиот Исток и Северна Африка. Сето ова бендот го има документирано на два студиски албума и две ЕП изданија.

А, по нив со нагласена возбуда ќе се очекува настапот на ДОБРИЛА И ДОРИАН ДУО. Добрила Грашеска (вокали) и Дориан Јовановиќ (уд, електроника и удиралки) својата соработка како музички творци ја започнале во 2008 година во ЧАЛГИЈА САУНД СИСТЕМ, а авантурата ја надградија со првиот албум како дуо „Апокриф“, кој како издание на SJF Records, беше објавен минатата 2021 година.

За албумот на кој се снимени нивните изведби и уникатни аранжмани на седум македонски традиционални композиции, песни како „Кирајџиче“, „Аир да не сториш“ „Столен ми болен легаја“ ќе биде запишано дека е „смел, искрен и до нота маестрално изведен проект“ кој има моќ да ја одведе публиката во една поинаква димензија.

ДОБРИЛА И ДОРИАН ДУО

А, по ваквиот влез, на 2 јуни во 20.30 часот, на истата сцена е планирано да се искачи Балаке Сисоко, еден од најзначајните современи мајстори на инструментот кора. Музичарот од Мали зад чиј подем стои роднината и кора-гуруто Тумани Диабате, и кој потем, благодарение на своите инструментални иновации, оствари бројни соработки со звучни имиња и не само од западно афричката културна сцена. Впрочен, една од карактеристиките на неговата музичка визија е тоа што тој стана сериски крос-културен соработник, секогаш подготвен да го имплементира звукот на кората во нови и различни контексти. Така Балаке зад себе ги има соработките со италијанскиот композитор Лудовико Еинауди, потем и со ирскиот мултиинструменталист Рос Дејли... Настапувал и снимал со пејачката Рокиа Траоре, Таџ Махал, Салиф Кеита, а особено значајна е негова звучна авантура со францускиот виолончелист Винсент Сегал, со кого сними два извонредни албуми.

Балаке Сисоко - Мали

А, по него пак, во ноќта на високи дострели и громогласни пораки, се очекува бразилскиот пејач, гитарист, композитор, продуцент... борец за човечки права Лукас Сантана, кој во Скопје доаѓа со Каетано Малта на бас и Џејмс Милер на перкусии.

Своевремено талентот од државата Баија бил откриен од страна на бразилските музички апостоли како Жилберто Жил и Каетано Велосо. Во текот на својата повеќе од две децении долга кариера, тој има објавено осум одлични албуми, а компонирал музика и за неколку MPB ѕвезди, како Фернанда Абреу, Мариса Монте и Даниела Меркјури, прераснувајќи во еден од најжешките музички феномени јужно од Екваторот.

Денес Лукас Сантана е сметан за движечка сила на бразилскиот нов бран и за музичар кој им се враќа на корените на бразилската гитарска традиција од 1950-те за да испорача еден „пост-тропикалистичен електро-акустичен поп албум“ со теми што го третираат подемот на реакционерната политика во земјата и нејзиното опасно игнорирање на човековите права и животната средина.

Лукас Сантана - Бразил , фото Флора Негри

Во петок, пак, на 3 јуни, ОФФЕСТ од сосема оправдани причини се сели во Младински културен центар. Така, најнапред во 20 часот во кино „Фросина“ ќе биде прикажан документарецот на Алан Бреин - „The Rumba Kings“, за да потем забавата кулминира со концертот на LOS PIRAÑAS, инструменталната супер група од Колумбија.

Инаку, за The Rumba Kings ќе биде забележано дека „не е само музичко патување, туку и емотивно искуство за тоа како музиката може да ги урне бариерите, да ги залечи раните и да донесе надеж“. Документарецот на Бреин ја воспева епската потрага по конгоанската румба. Настаните се случуваат во 1950-те кога Демократска Република Конго беше белгиска колонија и цела една генерација тамошни музичари ги спои традиционалните африкански ритми со афро-кубанската музика, создавајќи го возбудливиот бит на конгоанската румба. Тоа е звукот што ќе го доведе Конго до неговата независност и ќе го вооодушеви целиот африкански континент со својот заразен грув, хипнотизирачки гитари и пријатни вокали. Овој филм содржи музика од бендовите како Franco Luambo & OK Jazz, Grand Kallé & African Jazz и Docteur Nico & African Fiesta Sukisa.

Од друга страна, LOS PIRAÑAS го чинат тројца музички визионери од Богота: Еблис Алварез (Meridian Brothers, Chúpame el dedo), Марио Галеано (Frente Cumbiero, Ondatropica) и Педро Охеда (Romperayo, Sidestepper). Тие обединувајќи ги експерименталните можности на ритмите и звуците од Јужна Америка (кумбија, чампета, тропикалија, салса и други) со авант психо-рокот, даб минимализмот и „бодликавиот“ џез, ќе креираат „ретро-футуризам од најдобар вид чија одлика се и бучните импровизации и апсурдниот музички хумор – како Captain Beefheart во егзотично расположение или Карлос Сантана на тешки дроги, тотално лудо, но исклучително пријатно и препорачливо за танцување.

LOS PIRANAS - Colombia

И конечно, во сабота на 4 јуни, една долга концертна ноќ со два перформанси на две големи пејачки во НОБ и уште една луда и врела журка во салата „25 мај“ во МКЦ.

Најнапред ќе ја видиме и чуеме Марија Мацота, која ја познаваме токму од ОФФЕСТ од оној исклучителен и херојски концерт на нејзиниот некогашен бенд Canzoniere Grecanico Salentino во МНТ (симболично, тогаш во периодот на владеење на Груевски цела сала до раскинување на грлото ја пееше химната на отпорот - Bandiera Rossa). Со една од најзначајните музички пројави од регионот Апулија во Италија, таа сними дури шест албумски објави и оствари соработки со познати светски музички уметници како Боби Мекферин, Ибрахим Малуф, Рита Маркотули, Балаке Сисоко, Џастин Адамс и Џулде Камара и други. Во текот на нејзината кариера, таа настапи на некои од најважните меѓународни „world music“ фестивали: Womad (Австралија, Нов Зеланд, Велика Британија), GlobalFest (Њујорк), South by Southwest (Тексас), Rainforest (Малезија), TarabTanger (Мароко), Soglie (Саудиска Арабија), Womex (Солун и Порто), Babel Med Music и Les Suds a Arles (Франција) итн. На ОФФЕСТ 2022, Марија Мацота ни доаѓа со потрагите и песните својот последен албум „Amoreamaro“ и со себе го носи само Антонино Де Лука на хармоника.

Марија Мацота - Италија

И, по еден таков сепак интимен перформанс, следува настапот на Ненси Виеира, една од најреномираните уметници што го истражуваат огромното музичко наследство на Зеленортските Острови (Кабо Верде), поточно нивната „морна“ којашто неодамна од УНЕСКО беше прогласена за нематеријално наследство на човештвото.

Во музиката на Виеира царуваат темите за патувањата и морето, за копнежот и далечината... Таа опстојува на различни фреквенции, нешто што секогаш им дава посебна динамика на нејзините концерти, на кои Ненси од себе откорнува „морни“, „фунани“, „коладери“ ...и звук што се шири низ океанот и светот.

Виеира денес живее во Португалија. Своето деби го имаше во 1995, а првото забележително остварување и беше на компилацискиот албум „Musica de Intervenção Cabo-Verdiana“, објавен во 1999 година, каде пееше заедно со легендарниот Илдо Лобо. Потоа ги објави и албумите „Segred“, „Lus“ (Harmonia Mundi/World Village, 2007), „Pássaro Cego“ со Мануел Пауло (Arthouse, 2009) и „Nô Amá“, а во 2018 излезе и многу фалениот „Manhã Florida“ (Lusafrica).

Ненси Виеира - Зеленортски Острови

И, за најиздржливите некаде на прекршувањето на сабота во недела, во МКЦ ќе атерира девет члениот бенд од Гана SANTROFI.

Нивниот деби-албум “Alewa” испорачува - директно од улиците на Акра - нов бран свеж highlife звук вкоренет во минатото но со поглед кон она што допрва доаѓа. Групата е формиранa од басистот и продуцент Емануел Офори, кој „се напојуваше директно од изворот“ настапувајќи со легенди како Ебо Тејлор и Пет Томас, е длабоко инспирирана од highlife музиката на Гана во сите нејзини облици. Влијанијата се движат од возбудливиот, динамичен, гитарски, денс-ориентиран highlife звук од 1970-те, преку различните етно форми на highlife фанкот, па сè до полиритмичните битови и мелодии со кои популарниот afrobeat го инфицираше целиот свет.

На сцената, тие ја уриваат секоја можност за хиерархија: музичарите ги менуваат своите улоги, растејќи со развивање на талентот на другиот и растејќи како целина. За нив се вели дека заедно имаат моќ да збришат сè пред себе.

Така барем беа видени на фестивалите како Sines (Португалија), WOMAD (Велика Британија), Roskilde (Данска) и WOMEX (Финска)...

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG