Достапни линкови

Задолжителен воен рок во Србија: за и против


Министерот за одбрана Небојша Стефановиќ во посета на припадниците на војската на Србија во гарнизоните во Нови Пазар и Рашка, 23 септември 2021 година
Министерот за одбрана Небојша Стефановиќ во посета на припадниците на војската на Србија во гарнизоните во Нови Пазар и Рашка, 23 септември 2021 година

По најавата дека задолжителната воена служба може повторно да се воведе во Србија, некои белграѓани интервјуирани од Радио Слободна Европа (РСЕ) не го делат ентузијазмот на властите. Гордана Ќосиќ

„Во војска се стекнуваат работни навики, мажите добиваат зрелост, учат што е патриотизам, што е работа, што се обврски“. Така претседателот на Србија Александар Вучиќ ја објасни идејата по широка јавна дебата повторно да се воведе задолжителниот воен рок.

Оваа идеја ја поддржа и министерот за одбрана на Србија Небојша Стефановиќ кој рече дека е формирана работна група која ќе ги испита сите можности за враќање на задолжителниот воен рок. Тој додаде дека конечната одлука се очекува да биде донесена до септември или октомври.

Во Србија од 1 јануари 2011 година беше укинат задолжителниот воен рок и оттогаш во војска одат само оние кои сакаат да го сторат тоа доброволно.

Вучиќ: Србија останува воено неутрална и пријателска со Русија

Според објаснувањето на претседателот на Србија од 6 мај, доколку се прифати идејата, задолжителниот воен рок би траел 90 дена. Регрутирањето ќе започне во 2023 година и ќе ги опфати сите млади мажи на возраст од 18 до 26 години.

Небојша Радовановиќ од Белград не го дели истото мислење со претседателот на Србија.

Небојша Радовановиќ (23) од Белград, верува дека во војска само би научил да се справува со природата
Небојша Радовановиќ (23) од Белград, верува дека во војска само би научил да се справува со природата

„Верувам дека задолжителниот воен рок не е решение. Денешната младина, јас тргнувам од себе, кога ќе бидат принудени да направат нешто, ќе направат се само да не биде онака како што им е наметнато“, изјави тој за РСЕ, наведувајќи дека би ја бранел својата земја затоа што ја сака.

„Би отишол во војска, но во старата војска, како што беше војската, да ве научат на се, но денес, колку што сум запознаен, не е така“, рече тој.

Министерот за одбрана Небојша Стефановиќ на 9 мај рече дека задолжителната воена служба ќе ги научи младите луѓе на „корисни вештини и дисциплина што ќе им користат во животот“.

Огњен Марковиќ, 20-годишен студент по сликарство, смета дека „би можел попаметно да ги искористи тие деведесет дена, и поради тоа не му паѓа на памет да оди во војска.

„Не сум чул некој таму да прави нешто, навистина не познавам некој кој бил дисциплиниран за време на воениот рок“, вели тој.

Огњен Марковиќ (20), студент по сликарство од Белград
Огњен Марковиќ (20), студент по сликарство од Белград

Како што објасни, војската за него значи националистичка индоктринација.

„Ние не сме ниту воена сила, ниту јас некогаш би учествувал во војна за оваа земја, прво, таа никогаш не ми даде ништо за да ја бранам сега, второ, не можам да замислам со вакви власти и ситуацијата во општеството дека таа војна ќе има некоја благородна цел“, вели Огњен.

Лав Јован Ивановиќ (23), студент по историја, Белград
Лав Јован Ивановиќ (23), студент по историја, Белград

Студентот по историја Лав Јован Ивановиќ, за РСЕ изјави дека обврската да се служи војска е „губење време и нема никаква врска со патриотизмот“. „Јас сум за тоа дека секој треба да биде патриот. Но, ножам да бидам патриот дури и да не сакам да одам во војска, ако не сакам да умрам само затоа што некој ни дал наредба дека треба да убиеме некого“.

„Како да се борам за држава која не се бори за мене?

Според предлогот на претседателот Вучиќ, задолжителниот воен рок нема да важи за девојки, но тие сепак ќе можат доброволно да се пријават, како и досега.

„Ако некој сака да оди доброволно, јас го почитувам тоса, но навистина мислам дека тоа не треба да им се наметнува на младите“, изјави за РСЕ студентката по уметност Јелисавета Петровиќ. Таа вели дека никогаш не би се борела за Србија.

Јелисавета Петровиќ, студент по уметност од Белград
Јелисавета Петровиќ, студент по уметност од Белград

„Како да се борам за држава која не се бори за мене, бидејќи јас сум жена во Србија, државата се меша во се и не се залага за мене, а каде е нивниот патриотизам кон мене, мислам дека не постои“, вели таа.

Вучиќ: Не знам колку е опасно Косово да стане членка на НАТО, но не е наивно

Како што објасни, таа и нејзината пријателка Кристина Обреновиќ се залагаат за еднаквост на жените и мажите, што, како што вели, особено тешко се постигнува во армијата.

„Доколку жените одат во војска, правилата ги поставуваат мажите, тогаш се прави поделба, каде жените и мажите ќе се одвојат, различни критериуми ќе бидат и за жените и за мажите, а потоа каде има еднаквост и каде има слобода на избор, не можеш да бидеш еднаков таму, сето тоа ми е бесмислено“, изјави Кристина Обреновиќ.

Кристина Обреновиќ и Јелисавета Петровиќ, студенти по уметност од Белград
Кристина Обреновиќ и Јелисавета Петровиќ, студенти по уметност од Белград

Според податоците на порталот Balkan Security Network од март 2022 година, српската армија и Министерството за одбрана во изминатата деценија го зголемиле бројот на жени во своите редови, додека на почетокот на минатата учебна година повеќе од половина од новата ученици од Воената гимназија биле девојки.

Темата за повторно воведување на задолжителен воен рок не е нова во изјавите на функционерите, па затоа во 2021 година министерот Стефановиќ како една од клучните го посочи фактот дека „Србија одлучи да биде воено неутрална земја, но дека и треба силна армија и тоа се причините за враќање на задолжителниот воен рок за да има доволен капацитет за сите свои мисии, воени и цивилни“.

Српските власти во своите изјави посочуваат дека Србија немала и нема намера да влезе во НАТО. Србија е ретка земја на Западен Балкан која нема желба да и се приклучи на Алијансата.

Харис Џамили
Харис Џамили

Неутралноста на Србија е причината поради која Харис Џамили од Белград би ги испратил своите два сина во војска. Тој вели дека „три месеци не е многу време“. „Мислам дека општо за сите би било добро, да беше подолго не мислам така, но три месеци некој да помине некоја основна обука и некои животни принципи кои можеби нема да ги научи дома, мислам е добро."

Како што вели, не отишол во војска, бидејќи студирал, по што бил укинат задолжителниот воен рок.

Конечната одлука за воведување задолжителен воен рок, како што најави претседателот на Србија, ќе ја донесат новата влада и новиот парламентарен состав, по поширока јавна расправа.

Можна причина за повторно започнување на јавната дискусија по ова прашање, како што пишува Дојче веле во текст од март 2021 година, лежи во податоците според кои само околу 11.000 лица се пријавиле за доброволно служење воен рок во последните седум години, додека српската војска ја оставиле 1.600 професионалци.

Според податоците на Демостат од 2021 година, од 40 европски земји кои имаат вооружени сили, 15 од нив имаат некаков облик на воена служба, додека меѓу поранешните републики на поранешна Југославија, ниту една држава нема задолжителен воен рок.

Во случај актуелната влада да одлучи да го врати воениот рок во редовните рамки, Србија ќе биде меѓу ретките европски земји, како Шведска, Литванија или Грузија, кои ја укинаа оваа обврска, а потоа повторно ја воведоа.

Европските земји кои не го укинаа задолжителниот воен рок се Швајцарија, Норвешка, Данска, Финска, Австрија, Турција, Естонија, Русија, Белорусија, Украина, Грција и Кипар.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG