Достапни линкови

Барселона парализирана од протести


Протести во Барселона
Протести во Барселона

Полицијата соопшти дека повеќе од половина милион луѓе денеска протестирале во главниот град на Каталонија, стопирајќи го железничкиот сообраќај и блокирајќи ги патиштата.

Стотици илјади демонстранти, кои се залагаат за независност на Каталонија од Шпанија, денеска излегоа во центарот на Барселона, барајќи ослободување на сепаратистичките каталонски лидери, осудени на долги затворски казни. Полицијата соопшти дека повеќе од половина милион луѓе денеска протестирале во главниот град на Каталонија, стопирајќи го железничкиот сообраќај и блокирајќи ги патиштата.

Протестите главно беа мирни, но имаше судири меѓу полицијата и маскирани демонстранти.

Некои од нив три дена пешачеа до Барселона од разни делови на Каталонија, учествувајќи во таканаречените „Маршеви на слободата“ до денешниот голем протест. Тие им се придружија на студентите и на работниците кои денеска излегоа на улиците за време на генералниот штрајк.

Протестите се одржуваат секој ден од понеделникот, кога Врховниот суд осуди деветмина поранешни каталонски функционери на казни од 9 до 13 години затвор поради улогата која ја имале во обидот за отцепување на Каталонија од Шпанија во 2017 година. Тројца други обвинети беа прогласени виновни за непослушност и казнети со парични казни. Сите 12 обвинети ги негираа казните. Пресудите ги поттикнаа протестите во кои досега се повредени околу 100 луѓе.

Протестите во изминатите денови беа невообичаено насилни, а и денеска имаше спорадични судири меѓу демонстрантите и полицијата.

Шпанскиот технички премиер Педро Санчес денеска изјави дека масовните протести во Каталонија поради пресудите против сепаратистите се доказ дека во Шпанија се казнуваат незаконските потези, а не политичките идеи. Санчес во Брисел, каде што учествуваше на Самитот на ЕУ, изјави дека Шпанија ја гарантира слободата на протестирање, но вети дека радикалите кои правеле нереди оваа недела ќе бидат процесуирани.

„Правилата се јасни. Тие кои го кршат законот мора да одговараат, порано или подоцна“, рече тој.

Санчес ја повика каталонската сепаратистичка влада да престане да ги игнорира половината од 5,5 милиони гласачи во тој регион, кои според истражувањата и неодамнешните изборни резултати сакаат да останат во Шпанија.

Во меѓувреме, поранешниот лидер на Каталонците, Карлес Пучдемон, кој беше во бегство, им се предаде на белгиските правосудни органи, откако Шпанија издаде нов налог за негово апсење.

Од Кабинетот на Пучдемон денеска соопштија дека тој во придружба на неговите адвокати, доброволно се појавил пред белгиските власти. Тие велат дека Пучдемон ја отфрла потерницата и се спротивставува на секој обид да го вратат назад во Шпанија.

Пучдемон и голем број негови соработници избегаа во Белгија во октомври 2017 година. Шпанија го обвинува за бунт и злоупотреба на јавни средства за организирање на неодобрениот референдум за независност на Каталонија во октомври 2017 година.

Одложено дербито Барселона – Реал Мадрид

Фудбалскиот сојуз на Шпанија денска го одложи дерби натпреварот меѓу Барселона и Реал Мадрид, кој требаше да се одигра на 26 октомври, за 18 декември, зашто на 26 октомври се најавени нови масовни демонстрации во главниот град на Каталонија.

Во Шпанија на 10 ноември треба да се одржат нови парламентарни избори, откако по претходните одржани на 28 април Социјалистите на Санчес, кои добија најмногу гласови, не успеаја да формираат влада.

XS
SM
MD
LG