Достапни линкови

Ќе се реши ли сообраќајниот хаос во Куманово?


Монтажна гаража во Куманово

Локалните власти во Куманово очекуваат сообраќајниот хаос со паркирани автомобили насекаде ќе се реши со поставување монтажни гаражи во центарот на Куманово.

Заложбите за намалување на сообраќајниот метеж во Куманово, како и преземање мерки и активности за надминување на инфраструктурни проблеми, меѓу кои и јавно осветлување, според градоначалникот Максим Димитриевски, полека но сигурно се ефектуираат. Во тек се тендерски постапки и за други проекти, за што пак граѓаните сметаат дека не се такви какви што треба да бидат, иако кога треба јавно да зборуваат или одбегнуваат или искажуваат пофалби. Кумановци на социјалните мрежи се со многу „силни“ критики кои се однесуваат на првата катна гаража во центарот на градот веќе пуштена во употреба, како и за поставените столпчиња по дел од главните градски сообраќајници.

Димитриевски пак,најавува и нов проект на локацијата „Чоробенско Ќоше“, исто така во центарот на градот.

„Согласно деталниот урбанистички план треба да се сруши (старите и руинирани приватни објекти), да се изгради подземен капацитет за паркирање со трајни решенија и воедно да пристапиме со изградба на општинската зграда. Имаме намера во следниот период во рамките на финансиските можности на Општината да пристапиме кон изградба на уште еден објект од монтажен тип за паркирање во локалитетот „Серава“ и секако доколку изнајдеме и други локации за вакво нешто. Со одлука на Советот овој, првиот монтажен објект ќе биде во надлежност на ЈП Паркинг“, вели Димитриевски.

Првата катна гаража чини околу 270 илјади евра, со 80 паркинг места, меѓу кои и предвидени за инвалиди и тоа бесплатно. Во непосредна близина на влезот на Центарот за култура „Трајко Прокопиев“ и до гаражата поставен е и монтажен јавен тоалет.

За надминување на сообраќајниот метеж, според Димитриевски, на влез-излез на Куманово од и кон Скопје и Железничка станица ќе биде изграден и современ кружен тек.

„Верувам дека во текот на оваа година ќе започнеме со реализација, а тоа е крстосницата каде што се спојуваат булеварот „Трета македонска ударна бригада“ и улицата „11 Октомври“. Ќе имаме едно модерно, современо решение на влезот во градот, па во следната година да можеме да планираме дополнителни вакви проекти, за намалување на сообраќајниот метеж. Мислам дека се предвидени околу 16 милиони денари“, вели тој.

Што се однесува до поставување пластични столпчиња по големите градски сообраќајници кои претходно беа злоупотребувани за паркирање, Димитриевски најавува уште вакви мерки.

„Со овој тренд ќе продолжиме со вакви инвестиции и на булеварот „Трета македонска ударна бригада“ и на една од главните улици „11 Октомври“. Целта ни е да ги зголемиме капацитетите за паркирање, но истовремено и да ги вратиме тротоарите на пешаците и велосипедистите“, вели тој.

Некои од запрашаните граѓани ги фалат новините во градот, за разлика од другите кои најповеќе по социјалните мрежи ги нарекуваат чудни, смешни, неефикасни и големо ругло.

„Ништо не мислам, само да сме живи и здрави.“

„Добар е, има доволно места за паркирање и убаво изгледа“, велат граѓаните за катната гаража.

Куманово се соочува и со проблемот на јавно осветлување. Голем дел од градот и приградските населби често пати и по подолг период се во темнина, а службите надлежни за тоа се не доволно ажурни, со изговор дека немаат доволно средства, иако граѓаните редовно ги плаќаат сметките.

Градоначалникот вели дека е поведена постапка за јавно приватно партнерство за надминување на овој проблем. И тоа прво од таков вид во Општината.

„Постапката е во завршна фаза и со тоа Куманово ќе добие квалитетно, современо осветлување кое што може брзо да се адаптира“, вели тој.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG