Достапни линкови

Владата најави инфраструктура во Средорек, жителите скептични


Населбата Средорек во Куманово

Владата најави дека издвоила три милиони денари за изградба на инфраструктура во ромската кумановска населба Средорек, но жители се скептични. Досега многумина им ветувале, па велат дур не видат, не веруваат.

За изградба на инфраструктура во кумановската населба Средорек, Владата издвоила над три милиони денари, а активностите треба да започнат што поскоро, зависно од временските услови, на населението му најави Аксел Ахмедовски, министер без ресор задолжен за имплементација на Стратегијата за подобрување на состојбата на Ромите.

Поголем дел од Ромите од оваа населба живеат во супстандардни услови, во урбан хаос, без водовод и канализација, без асфалт до нивните живеалишта.

Некои од жителите велат дека ветувања имало и порано, затоа не знаат дали да веруваат.

„Не сме сигурни, тој ни даде збор, но не знаеме. Кој знае дали ќе направат нешто.“

„Тешко се живее, еден дожд да падне ние ќе бидеме во вода.“

„Секоја година е сè полошо.“

„Во мојата куќа се излева канализацијата. Куќата ми е во влага, смрди, а ги имам сите документи, и имотен лист и легализација, ама од влага куќата ќе ми падне. Ветуваа дека кога ќе има проекти ќе го прават каналот. Ниту една институција не се заложи за тоа.“

„Освен на мојот господ, никому не верувам. Сам си ги заработувам парите со мојот труд, ниту од градоначалникот, ниту од министрите или владите. Сам си заработувам“, велат жителите на Средорек.

Средствата за изградба на инфраструктура се обезбедени од Министерството за транспорт и врски, а според министерот Ахмедовски овој долгогодишен проблем ќе биде надминат со заеднички усилби на Владата и Општината Куманово. Според него, до крајот на годината од Министерството за локална самоуправа на Општината ќе ѝ бидат доделени и дополнителни средства од областа на Националниот акциски план од повеќе области, а Општина Куманово ќе одлучи за приоритетот во која област ќе биде интервенирано за подобрување на состојбата на Ромите.

„Јас ви гарантирам дека средствата веќе се процесуирани преку Министерството за финансии и тие ќе легнат на сметка на Општината, а Општината веќе натаму треба да започне со работа“, изјави Ахмедовски.

Според него, во соработка со владините и невладините организации ќе се работи на надминување и на проблемот со дивоградбите во Средорек.

  • 16x9 Image

    Светлана Антиќ Јовчевска

    По завршувањето на Студиите по новинарство во Скопје во 1985 година започнува да работи како економски новинар во Куманово, а потоа како дописник на „Вечер“,соработник на „Нова Македонија“,„Утрински весник“,на МРТВ, МИА, Радио Дојче Веле и неколку неделници. Од основањето на Радио Слободна Европа известува за настаните од својот град.

XS
SM
MD
LG