Достапни линкови

Ќе се гради нов центар за странци


Илустративна фотографија. Транзитниот центар за мигранти во Табановце во близина на македонско-српската граница

Поради субстандардноста на постоечкиот Прифатен центар за странци во Гази Баба, потребно е да се изгради нов објект и со ист капацитет, информираат од МВР. Од таму наведуваат дека лажни вести се оти ќе се градат трајни прифатни центри за мигранти.

Од МВР информираат дека поради субстандардноста на постоечкиот Прифатен центар за странци во Гази Баба, каде што условите се далеку под елементарниот минимум, потребно е да се изгради нов и со ист капацитет објект, кој во целост ќе биде усогласен со меѓународните стандарди и норми.

Како што објаснуваат, намената на овој центар е да пружи времен прифат на странци до завршување на соодветните постапки.

Исто така, Министерството информира дека постапката за изградба на таков прифатен центар е во тек, засега во делот на урбанистичко-проектните активности, со целосна финансиска поддршка од ИПА фондовите на ЕУ.

До објавата доаѓа по информациите објавени во јавноста дека ќе се гради нов центар за мигранти. Од МВР наведуваат дека станува збор за дезинформација и извртување на информации во неколкуте портали во кои, како што се вели оттаму, се наведуваат лажни и неточни информации дека „Премиерот Заев и официјално пред УНХЦР прифати Македонија да дава државјанства за мигрантите, а сега и потврда и дека ќе се градат трајни прифатни центри, станови за нив“.

Овие информации беа објавени откако премиерот Заев со претставничката на УНХЦР во Македонија се договориле дека ќе продолжи да се остварува интензивна соработка со УНХЦР за реализирање на проекти од заемен интерес и активен придонес за глобалните процеси врзани за прашања од агендата на ОН.

Од Канцеларијата на Народниот правобранител велат дека, според нивните информации, во моментов во центарот за странци во Гази Баба престојуваат шест мигранти, од кои ниту еден нема поднесено барање за добивање на азил.

Инаку, и Народниот правобранител веќе неколку години наназад укажува дека постојниот Центар за странци во Гази Баба не ги исполнува потребните стандарди, дека условите за претстој се нехумани, и објектот треба да се дислоцира.

За лошите услови во центарот, Народниот правобранител укажуваше и на прес конференција во два наврата. Првиот пат за време на бегалската криза кога во овој центар повеќе од една недела беа сместени околу 500 лица, иако има капацитет за само 150. Вториот пат (минатата година) по направена ненајавена посета, тимот на Народниот правобранител откри седум лица кои надлежните се обидоа да ги сокријат со оглед на фактот што не беа евидентирани како што налагаат прописите.

Што се однесува до условите, од Канцеларијата на Народниот правобранител ни рекоа дека тие и натаму се незадоволителни, иако се реновирани дел од просториите .

„Особено загрижува фактот дека овој Центар не ги исполнува условите за сместување на деца / малолетници, иако тие спаѓаат во таканаречената ранлива категорија и според сите меѓународни и домашни прописи за нив треба да се води посебна грижа“, наведуваат од Канцеларијата на Народниот правобранител.

Во Годишниот извештај на Народниот правобранител за 2017 година една од препораките се однесува токму на овој Центар, поточно се бара негово итно дислоцирање во објект кој ќе ги исполнува стандардите за задржување на лица.

Оваа препорака е една од мерките кое Собранието ги усвои минатата година

Од невладините организации велат дека со градењето на нов објект за центарот за странци, кој ќе биде на нова локација, треба да се обезбедат хумани услови за странските државјани. Од таму посочуваат дека вообичаено во ваков центар лицата се сместуваат најмногу до три месеци и тоа странци, а меѓу нив има и мигранти кои користеле услуги на криумчари или биле жртви на трговија со луѓе.

Мерсиха Смаиловиќ од невладината организација „Легис“ вели дека мигрантите остануваат во Центарот најмногу до три месеци, затоа што во меѓувреме треба да сведочат против македонскиот граѓанин кој ги криумчарел, а државата, исто така, треба да го утврди идентитетот на мигрантите кои пристигнале без патни и лични исправи.

Смаиловиќ од невладината организација „Легис“ вели дека еднаш во месецот ги посетуваат мигрантите кои се наоѓаат во бараката во Гази Баба и посочува дека тоа се објекти стари 50 години и дотрајани, од кои луѓето немаат можност да излезат во дворот поради стравувања од бегство, поради ниската ограда.

„Новиот центар треба да биде хуман и да може да излегуваат и да ги носат во дворот. Бараката е стара. Реновирано е едно крило, но и малите деца и жените не може да излегуваат. Тоа се стари бараки во Гази Баба каде со возилото едвај стигнуваме. Уличките кои водат до таму се тесни. Не може камион со цемент да влезе. Центарот не само за мигрантите, туку и за луѓе кои чекаат депортација е хорор“, вели Смаиловиќ.

Таа дополнува дека мигрантите гледаат што помалку да останат во центарот за странци, а дека потоа тие што бараат азил одат во објектите во Визбегово или пак се враќаат назад од каде што дошле, односно во Грција.

„Последните мигранти со кои контактиравме гледаат деновите каде што се задржувани да бидат што помалку. Има некои кои престојувале до две недели, а некои и два месеца биле таму, се додека трае постапката пред Јавното Обвинителство против криумчарот. Ако побараат азил ги носат во центарот за странци во Визбегово или ако побараат да бидат вратени во земјата од каде што побегнале, ги враќаат во Грција“, вели Смаиловиќ.

Инаку во Центарот за азил во Визбегово во кој има околу 200 легла, според податоците на невладините, во моментов престојуваат од 20 до 30 мигранти.

Смаиловиќ се осврнува и на тоа дека луѓето кај нас премногу се вознемируваат кога се споменуваат мигранти и дека некои политичари создаваат атмосфера дека ќе се градат објекти за нив, но оти тоа е невистина. Таа вели дека на секоја конференција европските претставници излегуваат со барања да се изгради нов центар за странци поради нехуманите услови во постојниот објект.

Инаку во последниве два месеца МВР спречило речиси 5000 обиди за нелегален влез на мигранти во земјава, а открило нелегален превоз на стотина мигранти.

Пред две години ВМРО-ДПМНЕ ја алармираше јавноста дека новата стратегија на владата ќе имплицира масовно доделување на државјанства на бегалци, а Македонија повеќе нема да биде транзит дестинација, како што е во моментов, туку земја атрактивна за трајно сместување.

Тогаш опозицијата наметна страв дека ќе се градат станови и кампови за мигранти.

Властите посочуваа дека таа стратегија е патоказ, а не е обврзувачки документ и демантираа дека државата се обидувала да изгради станови и кампови, ниту пак дека ќе им дадат државјанства на овие групи на граѓани.

Беше кажано дека со оваа стратегија зборуваат само за оние што имаат некаков регулиран статус во државата и баратели на азил, а не за мигранти.

Од невладините организации постојано посочуваат дека никој од мигрантите не сака да остане во Македонија и целта им е како да стигнат до некоја од соседните земји.

  • 16x9 Image

    Мирјана Спасовска

    Родена е во Скопје 1971 година. Од 1996 та година работи во телевизиската кука А1. Од 1998 та година е во телевизијата Телма каде за централно информативната емисија известува за дневни социјално - општествени теми.  Во Радио Слободна Европа е од 2002 та година.  

XS
SM
MD
LG