Достапни линкови

Јана Јакимовска: „Небо“ е потреба од свртување кон природата за низ неа да се свртам кон себе


Јана Јакимовска со серијалот „Нобо“ во галеријата на МКЦ - Скопје
Јана Јакимовска со серијалот „Нобо“ во галеријата на МКЦ - Скопје

„Небо“ е насловена изложбата на ликовната уметница Јана Јакимовска што од 14 до 22 декември се одржува во галеријата на Младински културен центар – Скопје. Изложени се 20 „небесни“ пејсажи, акрил на платно, самосвоен „прозорец“ за бегство од реалноста во која живееме.

Најновиот циклус дела на Јакимовска се пејзажи кои во класификацијата на пејзажното сликарство може да се окарактеризираат како небесни пејзажи бидејќи на нив две третини од композициската целост е посветена на небесните предели... Јана Јакимовска со своите дела ни нуди „прозорец“ за бегство од реалноста во која живееме, нè носи во една поубава, посветла, похумана реалност, која во вонредни услови има покрај своја егзалтирачка природа и концептуална димензија - да делува психо-терапевтски на конзументот на нејзините дела.

Ова во текстот за изложбата „Небо“ на Јана Јакимовска во галеријата на Младински културен центар – Скопје која се одржува од 14 до 22 декември, ќе го напише Ана Франговска. Историчарката на уметност и со појаснување: Јакимовска сака да слика, сака да експериментира со четката, сака да вдише од енергијата и аромата на бојата, знае да биде жестока, моќна, но знае и да биде реалистична во контекстуална смисла. Првпат, по долга низа години, излегува од интересот за себеанализа, од авторефлексивност и автосондирање, а влегува во третирање на просторот надвор, во природа, барајќи ги во есенцијата на натуралната естетика вредносните критериуми кои ги подзаборавивме живеејќи веќе речиси една година во вонредни пандемиски услови, а тоа е респектот кон природата, кон екосистемите, кон чистиот воздух, сончевиот зрак, патувањата, планините, водените површини.

„Небото над Скопје - дење“

И, некаде од овде почнува нашиот разговор со Јакимовска која е вонреден професор на Ликовната академија на Универзитетот „Гоце Делчев“ во Штип и која зад себе има 17 самостојни и преку 80 групни изложби во земјата и во странство, а во последно време беше особено активна на полето на муралното сликарство.

На крајот на декември, тмурен и „традиционално“ натпросечно загаден, во оваа пандемиска 2020 година, Ана Јакимовска ни го нуди „Небо“. Од каде потребата за тоа сега и овде?

- Токму деновиве, листајќи ги „сеќавањата“ кои ми ги нуди Фејсбук, сфатив дека безмалку традиционално изложувам во декември. Главната причина е прилично прагматична: од моментот на конкурирање за проект во нашите институции до резултатите поминува значително време во кое ние авторите сме во вакуум - не знаеме дали ќе ни бидат одобрени средства, простор...некогаш без тие средства не сме во можност ни да ги започнеме проектите. На тој начин, со однапред испланиран „далечен“ термин, јас си подарувам себе си време во кое можам комотно и без стрес да реализирам одреден проект доколку за него ми се одобрени средства. Па така, во разни години, а сепак во истиот тмурен декември сум изложувала автопортрети, енформели, автоактови, ангажирани плакати, портрети на хероини...овој декември, ете, „се паднаа“ овие небесни пејсажи.

Јана Јакимовска на отворањето на изложбата

Како настанаа делата за изложбата, за циклусот? Каде е коренот на серијалот?

- Ајде да ја разобличиме малку творечката магија: циклусот „Небо“ започна сосема случајно во 2018 година, кога на една ликовна колонија решив дека сакам доста да се дружам со моите колеги наместо, како на претходни колонии, да „киснам“ во ателјето експериментирајќи и да се обидувам да се надминам хахаха. Тогаш и решив дека ќе изработам пејсажи со доминантно небо, кое ќе зафати речиси три четвртини од форматот. Технички, може да се рече дека тоа е доста ефикасен процес, можат да се сработат импозантни формати за брзо време, а при тоа ефектот не изостанува. Низ тие платна сфатив дека принципот на работа ми се допаѓа, а темата „ми легна“, па продолжив да ја работам на колонии и надвор од нив.

Тргна ли сликарката со однапред подготвен концепт кој требаше во некоја рака да биде опозит на пандемијата што ни се сви околу нас и ни го смени начинот на кој живеевме дотогаш?

- Кога конкурирав со оваа изложба во МКЦ, во експликацијата наведов дека циклусот е буквален и метафоричен поглед кон небото, земање здив после години и години ангажирано општествено живеење, делување и творење. За мене лично, беше навистина потреба од пауза и потреба од свртување кон природата за низ неа да се свртам кон себе. Во тој миг немаше „абер“ дека ќе ни се случува ова што ни се случи со Ковид-19. Но, токму низ оваа затвореност во вид на карантини, полициски часови, изолации, седења дома...токму тој момент ми ја засили потребата поинтензивно да „патувам“ низ некои предели и некои неба кои ми се сега недостапни. Претпоставувам, на сите ни е така. Затоа, излезе дека „Небо“ е навистина добредојдено токму тука и токму сега.

„Изгрејсонце“

Изложбата е само дел од многуте годинешни активности на Јакимовска. Ќе си даде ли авторката по неа простор за одмор и акумулација на нови идеи или...

- Да, годинава, иако прилично изолирано и дистанцирано се живееше, сепак се случија и многу ангажмани: неколку групни изложби низ Македонија, два мурали, а еве и самостојна изложба. На прашањето дали ќе си дадам одмор, одговорот е: и да и не. Ме чекаат уште обврски на Ликовната академија, се ближи крајот на семестарот, а тоа значи завршување на предавањата, колоквиуми, испити, по некое менторство...ме чека и илустрирање на една книга за деца кое си го оставив за празничните денови, оти таквиот ангажман е навистина празник. Ме чекаат и уште празни платна во едно правливо ќоше, а што ќе биде со нив - ќе видиме...секако, ме чека и креветот, а и со телевизорот одамна не сме се дружеле, така што ќе се трудам да надокнадам и во тој домен.

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG