Достапни линкови

Што значи јаболкото – Снежана се отру, Ева протерана од рајот, а Њутн ја откри гравитацијата


Илустрација: Ева посегнува по забранетото јаболко
Илустрација: Ева посегнува по забранетото јаболко

Јаболкото на раздорот ги скарува божиците Хера, Афродита и Атина во грчката митологија. Македонија за некои е јаболко на раздорот на Балканот. Лошата кралица ѝ дала отровно јаболко на Снежана. Змијата ја измамила Ева да касне од јаболкото, по што Господ ги протерал од рајот. Њутн ја поставил теоријата на гравитацијата кога јаболко го удрило по глава.

Петков си замина, на Ковачевски му остана јаболкото. Бугарската новинарка Илијана Беновска на заедничката прес-конференција на 18 фебруари на премиерите на Македонија и Бугарија, Димитар Ковачевски и Кирил Петков, му подари црвено бугарско јаболко на Ковачевски „во знак на доверба дека ќе го зачува единството меѓу Бугарија и Македонија“.

Многумина се прашуваат која е симболиката, други пак го критикуваат протоколот и обезбедувањето во владата, а трети се шегуваат дека Бугарија и Македонија веќе си имаат јаболко на раздорот.

Јаболкото на раздорот ги скарува божиците Хера, Афродита и Атина во грчката митологија, а конфликтот евентуално ќе доведе до избувнувањето на Тројанската војна. Македонија за некои историчари е јаболко на раздорот на Балканот.

Во бајката Снежана на Браќата Грим, лошата кралица, преправена во старица, ѝ дала отровно јаболко на Снежана. Со јаболкото се поврзува и првичниот грев кога змијата ја измамила Ева да касне од јаболкото од Дрвото на сознанието во Еденската градина, по што Господ ги протерал Адам и Ева од рајот.

Њутн ја поставил теоријата на гравитацијата кога јаболко го удрило по глава, а велат дека едно гнило јаболко ќе го згние целиот кош.

Јаболко исто така се става како декорација во устата на печено прасе.

Голем дел од граѓаните го критикуваат протоколот и обезбедувањето на Ковачевски. Прашуваат како може некој со непознат предмет во рака да се приближи до премиерот на прес-конференција во владата. Сепак, мора да се каже дека сите што влегуваат во влада, поминуваат на скенер на влез, така што не би можела да носи оружје.

Други, пак, потсетуваат дека ова е веќе виден начин на водење дипломатија.

Новинарката Беновска често им подарува јаболка на политичарите во Бугарија. На сегашниот бугарски претседател Румен Радев во 2016 му го фрли јаболкото од далеку.

Сепак, обезбедувањето на поранешниот претседател Росен Плевнелиев не ѝ дозволи да му се приближи со јаболкото и ја исфрли од прес-конференцијата во 2017 година.

Во септември минатата година, таа му подари зелено јаболко на тогашниот опозиционер Кирил Петков, зашто бил „зелен во политиката“, но тој победи на изборите и стана премиер.

Ова е прва посета на Петков на странство од кога беше избран на функцијата. Бугарија ги блокира македонските евроинтеграции со тврдење дека земјава ја краде бугарската историја. Оваа средба требаше да даде поттик во разрешување на историскиот спор меѓу двете земји.

  • 16x9 Image

    Срѓан Стојанчов

    Новинарската кариера ја започна како новинар во внатрешно-политичката рубрика на дневниот весник Шпиц во 2008 година. Роден е на 27.10.1981г. во Скопје. Од февруари 2009 работи како постојан дописник за Радио Слободна Европа од Скопје.

Трендинг е седмична рубрика на Радио Слободна Европа на македонски јазик, во која автентично ви пренесуваме дел од највпечатливите коментари на социјалните мрежи за одредена тема. Пренесените коментари се мислења или ставови на авторите на коментарите и не се дел од уредувачката политика на РСЕ.

Повеќе
XS
SM
MD
LG