Достапни линкови

Што значи новата стратегија на Украина за следната фаза од војната


Украински војници пукаат со француски хаубица Цезар кон руските позиции на линијата на фронтот во источна Украина

Украина ја менува стратегијата, таргетирајќи ги руските линии за снабдување со прецизни удари и потпирајќи се врз партизански акции за извршување напади на окупираните територии. Дали може тоа да доведе до пробив на фронтот? Рид Стендиш

Серијата неодамнешни напади врз руските сили во јужна Украина и нејзиниот насилно анектиран Кримски полуостров откриваат, како што велат украинските власти, нова стратегија дизајнирана да ги уништи линиите за снабдување во нејзините окупирани територии.

Михаило Подољак, клучен советник на претседателот Володимир Зеленски, неодамна изјави дека ова треба да создаде „хаос во руските сили“ и дека таквите напади би можеле да се забрзаат во следните два до три месеци. Активноста на бунтовниците на окупираните територии и тајните напади што веројатно ги извршуваат партизани обучени од украинската војска, исто така, се интензивираа.

Војна и вода: Украина изложена на ризик од ширење на колера, хепатитис, шуга

Летната кампања на Украина досега отсече руски командни центри, десеткува складишта за муниција и ги осакати линиите за снабдување со удари врз клучните делови од инфраструктурата низ јужниот регион Керсон.

Сепак, досега нема големо враќање на територијата, при што украинските сили на фронтот на југ главно се заглавени во ровови и соочени со руски артилериски баражи.

George Barros
George Barros

За да дознае повеќе за тоа што може да значи оваа промена во стратегијата, РСЕ разговараше со Џорџ Барос, аналитичар во Институтот за проучување на војната (ISW), тинк-тенк со седиште во Вашингтон.

РСЕ: Украинските власти тврдат дека се ангажирани во стратегија за создавање „хаос меѓу руските сили“ со започнување контраофанзива насочена кон руските линии за снабдување длабоко во окупираната територија, вклучително и серија неодамнешни напади на Крим. Дали е ова јужната контраофанзива што ја чекаа многу набљудувачи на војната и како оваа стратегија веројатно ќе ги промени борбените линии низ Украина?

Џорџ Барос:
Ова е дел од контраофанзивата. Овие таргетирани прецизни напади што Украинците ги изведуваат против логистички цели низ јужна Украина, како и на окупираниот Крим, се дел од кохерентна украинска контраофанзива со цел да се врати контролата врз западниот брег на реката Дњепар и горниот дел на Керсон.


Исто така, важно е да се има на ум дека ударите врз Крим не ги прекршуваат украинските обврски кон западните партнери за неупотреба на западното оружје од страна на Украина против руската територија, бидејќи ова е територија што Русија незаконски ја анектира во 2014 година. Оттогаш, Крим стана големо руско воено упориште, од Црноморската флота до воздушните сили.

Тоа е, исто така, местото каде што руските линии за снабдување минуваат директно меѓу самата Русија преку мостот на Керченскиот теснец во јужниот дел на Керсон, кој директно ги поддржува руските трупи на фронтот. Украинците прават паметна работа со тоа што таргетираат различна стратешка инфраструктура што може да ја деградира способноста на Русија да може да придвижува тешка воена опрема.


Многу западни набљудувачи очекуваа да видат грандиозна, голема украинска контраофанзива во Керсон, но Русите сега ја зајакнаа оваа територија и донесоа многу опрема и повеќе единици и создадоа повеќе подготвени одбранбени линии.

Украинскиот одговор оттогаш беше деградирање на линиите за снабдување потребни за одржување на тие позиции на првата линија, така што со текот на времето тие би можеле навистина да се пробијат.

РСЕ: Се чини дека велите оти ова е намерна украинска стратегија: прво да ги ослабне и деградира руските сили, а потоа да направи притисок за територија?

Барос:
Украинците не сакаат директно да ја нападнат руската одбрана. Она што тие сакаат да го направат е да ја деградираат до точка каде што всушност станува поранлива.

Примерот за тоа како Украинците го вратија Змискиот остров е корисен. Украинците не го вратија Змискиот остров со испраќање воздушни сили или со покренување амфибиски сили за физички да го исчистат островот.

Руска ракета рани деветмина во Украина недалеку од нуклеарна централа

Наместо тоа, тие извршија конзистентни напади врз руските средства што беа на островот за да го направат тоа така што задржувањето на островот беше исклучително скапо за Русите додека руските команданти не одлучија дека трошоците се поголеми од корисноста за одржување. Сега гледаме сличен пристап на југ околу Керсон и до одреден степен и на Крим.

РСЕ: Видовме некои руски напади врз украинските сили на југ и на север, но едно од големите прашања веќе долго време е каква е способноста на Москва да собере доволно луѓе за да се одржи со текот на времето и да ги исполни целите што си ги поставила. Како Русија се справува со тие прашања?

Барос:
Русите се обидуваат да продолжат да собираат какви што можат сили. Ние идентификувавме неколку различни линии. На пример, Русија има концепт за она што тие го нарекуваат национални баталјони, кои во суштина доброволни единици. Тие обично ги нарекуваат баталјони, но тие составуваат групи од 300 до 400 војници по единица. Тие често регрутираат луѓе без претходно воено искуство и во некои случаи ги испраќаат на првата линија со само 30 дена обука.

Во некои случаи, тие, исто така, не можат да соберат 400 луѓе и наместо тоа само ги испраќаат поединечно. Тоа нема да генерира доволно ефикасна борбена моќ и секако потребни се многу повеќе од 30 дена обука за да се создаде добар војник кој е способен да оперира со комбинирано оружје.

Нуклеарка во опасност, Украина се подготвува за најлошото
please wait

No media source currently available

0:00 0:03:12 0:00

Во тек се и други паралелни напори за регрутирање, од давање помилување на осудените затвореници доколку се подготвени да се распоредат во Украина до употреба на валкани тактики за ефективно измамување на младите регрути да потпишат договор за одење на првата линија. Русија ќе има потешкотии да собере доволно сили за ефективна борбена моќ, но ќе продолжи да се труди за да добие војници без всушност да повикува на масовна мобилизација.

РСЕ: Па каде не остава тоа во неделите и месеците што следат? Гледаме извештаи дека Украина тренира партизани и користи специјални сили селективно зад руските линии и се чини дека Кремљ напредува со своите планови за референдум за делови од Украина. Што друго веројатно ќе ја обликува ситуацијата на теренот и на други места?


Барос: Едно е прашањето дали Украина може успешно да ја спроведе оваа контраофанзива во следните шест до осум недели и да дојде до точка каде што може доволно да ги деградира руските сили. Исто така, би очекувал пораст во покоординираните партизански напори. Што се однесува до руските напори да заземат различни области, Русите донекаде френетично се обидуваат да ги анектираат овие територии со лажни референдуми.

Луѓето треба да запомнат дека наведената цел на Кремљ е конзистентна: да добие целосна политичка и територијална контрола над Украина. Иако може да слушнеме изјави од официјални лица дека тие се навистина фокусирани само врз Донбас или на југ, се работи за цела Украина. Дури и ако Москва не успее да го стори тоа одеднаш, секое упориште што може да го одржи во Украина ќе се користи во иднина за да се продолжи она што веќе е започнато.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG