Достапни линкови

Чекано и дочекано - СПЦ ја призна автокефалноста на МПЦ-ОА


Заедничка литургија на Српската православна црква и Македонската православна црква - Скопје, Македонија, 24 мај 2022 г.

Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква. Верниците во и околу храмот со громогласен аплауз го дочекаа соопштувањето на одлуката.

Поглаварот на Српската православна црква господин Порфириј на денешната заедничка литургија на СПЦ и МПЦ - ОА во Скопје ја призна автокефалноста на Македонската православна црква.

Тој во својот говор изјави дека сега на чекор се синодите на двете цркви да ги завршат правните документи, по што ќе биде изготвен официјалниот акт и сите останати православни помесни цркви по канонскиот ред да бидат известени.

Патријархот на СПЦ Порфириј очекува дека сите помесни цркви ќе го прифатат автокефалниот статус на Македонската православна црква - Охридската архиепископија.

„Браќа и сестри, ние сме сигурни дека и другите помесни цркви ќе ја поздрават автокефалноста на МПЦ - ОА“ порача Патријархот Порфириј.

Биење на камбаните и аплаузи за признавањето на автокефалноста на МПЦ од СПЦ
please wait

No media source currently available

0:00 0:04:42 0:00

Македонскиот поглавар г.г Стефан им се заблагодари на членовите на Светиот архиерејскиот собор на СПЦ за признавањето на автокефалноста на МПЦ.

„Вам уште еднаш ваша светост, вам и на членовите на светиот архиерејски собор на СПЦ ви благодатиме од името на монаштвото и верниот народ на Македонската Православна Црква - Охридска Архиепископија“, изјави г.г. Стефан.

Веста беше соопштена по сослужувањето на заедничката литургија на срспкиот патријарх Порфириј со арихиепископот охридски и македонски, г.г. Стефан - на денот на сесловенските просветители.


Верниците во и околу храмот со радост и громогласен аплауз го дочекаа соопштувањето на одлуката.

„Радосна е вестта дека конечно ете по толку години сме заедно, и самиот патријарх српски кажува дека ова е чудо кое што ни се случи, затоа на Бога му благодариме“, изјави Благица Блажеска.

„Од големо значење е ова, многу чекано и еве дочекано“, изјави Душанка Ивановска.

„Како верници да ви кажам најискрено дека сме највосхитени и ова е чудо над чудата, добивме афтокефалност на нашата црква и имаме право секаде да кажуваме и секаде да проповедаат нашите свештеници и да градиме заедништво“, изјави Дончо Домазетовски.

„Голем ден, немам зборови и убав“, изјави уште една верничка која беше присутна во Соборниот храм.

По завршувањето на заедничката литругија и соопштувањето на веста, камбаните во Соборниот храм во Скопје продолжија да бијат.

На оваа посета на поглаварот на СПЦ Порфириј и претходеше заедничката литургија на помирување што се одржа на 19-ти месецов во соборниот храм „Св. Сава“ во Белград, а со која чиноначалствуваа патријархот Порфириј и архиепископот охридски и македонски г.г. Стефан. Со литургијата беше потврдено надминувањето на 55 годишниот спор меѓу СПЦ и МПЦ.

Еден ден претходно, Вселенскиот патријарх Вартоломеј ја поздрави литургијата на помирување што ја одржаа СПЦ и МПЦ-ОА и рече дека сослужувањето на српскиот патријарх Порфириј и архиепископот охридски Стефан со право може да се оцени како чин на помирување и соработка, кој се случи, како што наведе, само неколку дена по неговата историска одлука во однос на црквата во Северна Македонија.

Вселенската патријаршија на 9-ти мај ја призна за канонска МПЦ – ОА.

Честитки за признавањето на автокефалноста на МПЦ-ОА упати и политичкиот врв, меѓу кои Претседателот на државата Стево Пендаровски, Премиерот Димитар Ковачевски и лидерот на ВМРО ДПМНЕ - Христијан Мицкоски.

  • 16x9 Image

    Ивана Стојкова

    Новинарската кариера ја започна во 2015 година во Канал 5 телевизија како репортер во информативната програма. Родена е на 15.03.1992 година во Скопје. Од јануари 2022 година работи како соработник на Радио Слободна Европа од Скопје.

XS
SM
MD
LG