Достапни линкови

„Цртање приказни“ во Галерија МКЦ


Плакатот за изложбата „цртање приказни“

Стрипови на седум домашни автори од повеќе генерации, работени по мотивите на современи македонски писатели или во комплетно авторство – цртеж и текст, од 7 до 16 јуни, се изложени во Галеријата на младински културен центар во Скопје. Поставката е насловена „Цртање приказни“.

Иванка Апостолова, Гаја Смилевска, Матеј Богдановски, Вук Митевски, Иван Ивановски, Владимир Лукаш и Ѓорѓе Јовановиќ се седумте автори од неколку генерации чии стрипови се претставени на изложбата насловена „Цртање приказни“ што од 7 до 16 јуни се одржува во Галеријата на Младински културен центар во Скопје. Поставката се фокусира на нивните стрип-дела работени по мотивите на современи македонски писатели или во нивно комплетно авторство - со цртеж и текст.

„Улица“ на Матеј Богдановски

Во текстот од каталогот за ова случување најнапред ќе биде забележано дека едно време „се велеше оти стрипот ги расипува децата, дека е залудна забава, дека нема уметничка вредност...“. И, потем дека „стрипот помина долг пат пат до уметничка/теоретска/академска афирмација: историјата на уметноста го негираше, теоретичарите и универзитетските институции го омаловажуваа, галериите го избегнуваа…“.

Сепак, како што ќе потсетат приредувачите и организаторите на поставката, појавувајќи се првично на маргините на весниците како средство за масовна комуникација, комбинирајќи текст и слика, стрипот често се позиционираше меѓу издаваштвото, медиумите, литературата, филмот, сликарството и дизајнот од една страна, и меѓу весниците, академските институции и контракултурните движења од друга страна. Во еден навидум едноставен исказ, кој претежно комбинира текст и слика, комбинира или одвојува визуелна и вербална нарација, производствен ред или авторска бескомпромисност, со можности за продукција од евтин самиздат до луксузни албуми, стрипот може да се сфати буквално како материјализација на визуелната култура.

Стрип на Вук Митевски

Од таму не случајно Ѓорѓе Јовановиќ, како еден од потписниците на „Цртање приказни“, ќе забележи дека тие „набљудувајќи го стрипот не само како визуелен, туку и како општествен факт“, преку изложбата настојуваат да го прошират погледот на можните начини на презентирање и промовирање на стриповите, притоа отворајќи си простор за дискусија за продукцијата, пред сѐ на некомерцијалните, авторски стрипови.

Токму авторскиот стрип се позиционираше како составен дел на визуелната култура и воопшто на културната продукција, па затоа треба да продолжи да се афирмира и да се подига неговата свест не само за уметничките, туку и за комуникациските и едукативните потенцијали. Освен неспорниот формален, уметнички квалитет на цртежот, колажот или фотографијата, стрипот се гледа првенствено како исклучително убедлив збир на визуелни и вербални знаци, кои својата магична привлечност ја должат на начинот на кој ја раскажуваат приказната, вели Јовановиќ.

Стрип на Иван Ивановски

А, Иванка Апостолова, откако ќе забележи дека нејзе навистина и е драго што е учесник на оваа изложба со другите генерациски различни македонски автори, истакнува дека таа овде се претставува со изложба во изложба. Со дигитално резиме на нејзините селектирани најдобри кратки наративни стрипови изработени во колаж техника во периодот од 1997 до 2020 година, односно со фрагменти како некакви квази „стикери“ облепени на ѕидот околу мониторот.

Си поигрувам со квази автобиографски рефлексии, или пак инспирирани адаптации од различни извори, преточени во некаков деконструктивен стрип којшто го работам од 1990-те наваму. Сега од оваа перспектива, вклучувајќи го моето театарско искуство би рекла дека се театарски стрипови во комбинирана техника и колаж. Благодарност до Ѓорѓе којшто на некој начин ме „ресетира“ назад кон стрипот бидејќи доста сум посветена на театарот, така да за мене ова е едно вистинско освежување и поттик за некој театарски стрипови којшто треба да ги изработам во рамките на проектот „Странски инверзии“ во текот на летово, ќе рече Апостолова.

Стрип на Иванка Апостолова

Инаку, по завршувањето на поставката во Галеријата на МКЦ постојат убави шанси „Цртање приказни“ да го продолжи своето едукативно и мисионерско патешествие по градовите од Македонија.

На социјалните мрежи веќе се појавија покани од пријатели и стрип фанатици изложбата да биде најнапред поставена во Охрид, а потем да се обидеме да ја однесеме и на други места. И, тоа навистина би било убаво зошто стрип културата и во Скопје и во помалите градови сепак е на маргините на културните случувања, а од друга страна има широка публика. На крајот на краиштата тоа е дел од поп културата и голем број на луѓе читале стрипови, своевремено почнувајќи од оние што излегуваа во весниците, па денес во специјализираните магазини и во стрип албумите, смета Ѓорѓе Јовановиќ.

Дело на Владимир Лукаш

  • 16x9 Image

    Љупчо Јолевски

    Како новинар, водител и уредник Јолевски во новинарството е безмалку 4 децении. Кариерата ја почнал во Млад Борец на почетокот од 1980-тите. Потем долги години бил во Телевизија Скопје и во Македонското радио - Втора програма, како и во други медиуми. Во Радио Слободна Европа Јолевски е од самиот почеток на емитувањето на програмата на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG