Достапни линкови

Цетиње ја вжешти атмосферата во Црна Гора и Србија


Подготовки за пpечекот на Патријархот на Српската православна црква Порфириј пред Црквата на Христовото Воскресение, Подгорица, 1 септември 2021 година.
Подготовки за пpечекот на Патријархот на Српската православна црква Порфириј пред Црквата на Христовото Воскресение, Подгорица, 1 септември 2021 година.

Во Црна Гора се зголемуваат тензиите во пресрет на устоличувањето на митрополитот на Црногорско-приморската епархија на Српската православна црква Јоаникиј, што е најавено за 5 септември во манастирот во Цетиње, а реториката на официјален Белград се заострува. Душан Комарчевиќ

Додека речиси сите опозициски партии во Црна Гора и национално ориентирани здруженија се противат на одржувањето на овој црковен настан во Цетиње и најавуваат протест во тој град, некои српски официјални претставници и белградските таблоиди го обвинуваат црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ дека се обидува да ја задржи својата позиција.

Од друга страна, претседателот на Србија Александар Вучиќ вели дека Белград не сака дополнително да ја комплицира ситуацијата.

Во изјава за Радио Слободна Европа српскиот политиколог Душко Радосављевиќ оценува дека, со мали исклучоци, речиси сите режими во Србија од оној на поранешниот претседател Слободан Милошевиќ до денес веруваат дека настаните во Црна Гора се внатрешно прашање на Србија.

„Не го почитуваме фактот дека Црна Гора е независна и суверена држава. Од тоа започнуваат сите други спорни ситуации, недоразбирања и кризни моменти“, вели Радосављевиќ.

Зошто Вулин го обвинува Ѓукановиќ?

На 30 август, српскиот министер за внатрешни работи Александар Вулин оцени дека црногорскиот претседател Мило Ѓукановиќ ќе направел сѐ за да предизвика тензии и конфликти во рамките на Црна Гора, со надеж дека така тој ќе остане на власт.

„Српски свет“ закана по безбедноста на Балканот?

Вулин вака реагираше на највата на Мило Ѓукановиќ дека ќе биде на протестот на противниците на устоличувањето на митрополитот Јоаникиј во Цетиње, доколку Српската православна црква не се откаже од церемонијата.

Александар Вучиќ и Александар Вулин за време на билатералната воздушна вежба на Србија и САД на аеродромот Лисичи јарак, на 15 километри северно од Белград, 17. ноември 2017.
Александар Вучиќ и Александар Вулин за време на билатералната воздушна вежба на Србија и САД на аеродромот Лисичи јарак, на 15 километри северно од Белград, 17. ноември 2017.

„Само оние кои, без најмала одговорност за туѓите глави, се обидуваат да ја задржат својата моќ, можат да повикаат на протест против устоличувањето на митрополитот Јоаникиј“, наведува Вулин на веб-страницата на Социјалистичкото движење чиј е претседател.

Пораките на насловните страници на белградските таблоиди се со слични пораки. „Црна Гора се лизга во опасен хаос: Мило сака да нѐ убие сите“, „Мило бара крв во Цетиње за да може Западот да ги обвини Србите“ - се дел од насловите што може да се прочитаат на киосците.

Што вели шефот на српската дипломатија?

Министерот за надворешни работи на Србија Никола Селаковиќ вели дека не сака да верува оти ќе настанат непријатни ситуации за време на устоличувањето на Јоаникиј во Цетиње.

Вучиќ: Дадов се од себе за Србија да има што подобри односи во регионот

„Тоа не носи добро никому и би сакал сѐ да помине во мир и Божји ред. Тоа е важно за целиот регион и за нашиот народ. Над 180.000 Срби живеат во Црна Гора, тие се наши браќа и сестри“, рече Селаковиќ за ТВ Пинк.

Радикализација пред изборите во Србија?

Политикологот Душко Радосављевиќ смета дека „сите овие драми“ не се толку насочени кон Црна Гора, туку повеќе кон радикализација на електоратот во пресрет на изборите најавени за 2022 година.

„Се користи секоја ситуација, особено преку „мегафонот“ на српскиот режим, Вулин, кој испраќа најмрачни пораки во име на режимот, а потоа Вучиќ се појавува како првосвештеник на политичкиот живот во Србија, кој ги амортизира тие пораки. Но, на крајот излегува дека тој со своите постапки не ја стабилизира ситуацијата“, смета Радосављевиќ.

политикологот Душко Радосављевиќ
политикологот Душко Радосављевиќ

Тој додава дека политичките елити на Западен Балкан, по примерот на Северна Македонија и Грција, треба да ги решат споровите од минатото.

„Очигледно е дека, додека се водат битки за прашањата за идентитетот, вистинските политички прашања нема да бидат на дневен ред. Работите како овие секогаш им помагаат на владетелите во републиките на поранешна Југославија да ја зајакнат својата позиција и за тоа време ништо важно не се решава“, вели Радосављевиќ.

Зошто устоличувањето ги зголеми тензиите?

На црковната церемонија во Цетиње, културно -историската престолнина на Црна Гора во подножјето на Ловќен, остро се спротивставуваат црногорските организации со национален предзнак, здруженија и речиси сите опозициски парламентарни партии, како и самата општина Цетиње.

Кривокапиќ: Никогаш немало толку отровни стрели од Србија

Здруженијата најавија протести на денот на устоличувањето, 5 септември, поради што досега имаше неколку состаноци на државните безбедносни институции. На 22 август, се одржа протест, од кој беше порачано дека устоличувањето претставува „окупација и обид да се воведе Црна Гора во таканаречениот српски свет“.

Противниците на устоличувањето во манастирот Цетиње оваа теза ја темелат врз фактот дека митрополитот Јоаникиј треба да да биде устоличен од патријархот на Српската православна црква, Порфириј.

Во дел на црногорската јавност, настанот се перцепира како нов бран на влијание на Србија врз Црна Гора, која прогласи независност во 2006 година и се оддели од заедницата со Србија.

Митрополитот Јоаникиј ги отфрли тие обвинувања и објасни дека е легално избран за митрополит на Црна Гора и Приморје. Цетиње се смета за седиште на Црногорската православна црква, која не е призната од ниту една канонска црква, но има поддршка од Киевската патријаршија.

Проблеми со Законот за слобода на вероисповед

Тензиите во Црна Гора се зголемија на крајот на 2019 година, откако тогашното владејачко мнозинство, предводено од Демократската партија на социјалистите на Мило Ѓукановиќ, го донесе Законот за слобода на вероисповед.

Законот предвидуваше дека државата ќе стане сопственик на сите верски објекти изградени до декември 1918 година - доколку верските заедници не ја докажат сопственоста.

Црногорскиот премиер вели дека неговата влада нема да апси свештеници

Ова, во дел на црногорската историографија, се смета за моментот кога беше извршена воената окупација на Црна Гора од страна на Кралството Србија, по што беше укината автокефалноста на Црногорската православна црква, која беше сведена на епархија во рамките на Српската православна црква.

Српската православна црква го протолкува Законот за слобода на вероисповед како обид на Црна Гора да ѝ го земе имотот. Масовни протести беа организирани низ Црна Гора и Србија пред и по донесувањето на законот.

Во декември 2020 година, новото парламентарно мнозинство - предводено од Демократскиот фронт - изгласа измена на законот, со кој беа поништени сите спорни членови за Српската православна црква.

  • 16x9 Image

    Гоце Атанасов

    Со новинарство започна да се занимава за време на студиите по новинарство во Скопје. Работел во Млад борец, Нова Македонија, Македонската радио телевизија, А1 телевизијата и во Дојче Веле, а во Радио Слободна Европа е од започнувањето на емитувањето на македонски јазик.

XS
SM
MD
LG